Вермонт усвои резолуција за соработката со Македонија

Собранието на Вермонт со акламација усвои резолуција за соработката меѓу оваа сојузна американска држава и Република Македонија и армиското партнерство меѓу Националната гарда на Вермонт и Армијата на Република Македонија (АРМ) во изминатите 17 години.

Резолуцијата го уважува учеството на Македонија во меѓународните мисии и изразува благодарност за заедничките напори со Вермонт за мирот, безбедноста и стабилноста ширум светот.

За македонскиот министер за одбрана Фатмир Бесими, резолуцијата дава политичка поддршка и тежина на ангажманот на АРМ со Националната гарда од Вермонт во меѓународната мисија ИСАФ во Авганистан. „

- Таа претставува валоризација за досегашниот партнерски однос со АРМ, оцени министерот Бесими, кој ја предводеше вишата делегација од Министерството за одбрана на свеченото усвојувањето на резолуцијата во административниот и политички центар на Вермонт, главниот град Монпеље.

Бесими во изјавата за Гласот на Америка на македонски по усвојувањето на резолуцијата го подвлече пријателството и желбата за продлабочување на соработката со САД во меѓународните мировни мисии.

- Учеството во меѓународните мисии, како во Авганистан, под заедничка команда на САД, е од голема важност за капацитетот на АРМ во правец на усовршување тактичката подготвеност, согласно стандардите на НАТО, рече министерот.

Првиот човек на македонската одбрана во Монпеље се сретна и со гувернерот на Вермонт Питер Шумлин, со кој, според македонската делегација, освен за можностите во одбраната, разговарал и за цивилниот сектор. Пратеници од обете партии во Собранието на Монпеље на средбата со Бесими порачале дека Вермонт ја отсликува соработката на Македонија со САД и дека очекуваат, освен на армиски, таа да се продлабочува и на економски, културен и образовен план.

Командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Мајкл Дуби ги пофали македонските војници за високиот степен на професионализам и подготвеност на заедничката мисија во Авганистан.

Бесими одржа и тркалезна маса со студентите по економија на Универзитетот во Вермонт, говорејќи за економските потенцијали што Македонија ги нуди на странските инвеститори.

Досегашната соработка меѓу АРМ и Националната гарда на Вермонт резултираше во 700 активности во кои беа вклучени 4.000 припадници од воениот и цивилниот сектор.