Ковачевски - Борел: Преговорите со Северна Македонија треба да почнат без дополнително одлагање

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија, Жосеп Борел, кој се наоѓа во работна посета на нашата земја, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за разговорите од одржаната средба.

Премиерот Ковачевски во своето обраќање пред медиумите истакна дека во време на голема нестабилност, која е резултат на воената агресија на Русија врз Украина, како никогаш досега се јавува потребата Европа да биде обединета, силна и целосно подготвена да ги одбрани демократските вредности на чии темели е изградена.
 

„Северна Македонија, како членка на НАТО и земја-кандидат уште од првите денови на конфликтот ја постави својата позиција во линија на своите сојузници од ЕУ, САД и НАТО. Силно ја осудивме воената агресија на Русија врз Украина и ги активиравме санкциите кон Руската Федерација“, истакна претседателот на Владата на Северна Македонија Ковачевски.

Тој додаде дека денес сме сведоци на воена агресија во која веќе премногу недолжни луѓе, меѓу кои и деца ги изгубија своите животи и кога над 2.5 милиони Украинци се веќе бегалци и ги напуштиле своите домови.

„Во овој контекст, Европската Унија и сите земји членки треба да делуваат стратешки и храбро и да повикаат на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија“, рече на прес-конференцијата премиерот Ковачевски и потенцираше дека единствено Европа која е целосно обединета може да е силна Европа.

„Од исклучителна важност е Европската Унија и земјите членки максимално да се вклучат бидејќи проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е и стратешко и безбедносно прашање. Интеграцијата значи заедничка посветеност за изградба на силна, стабилна и обединета Европа, како дом на демократски и цивилизациски вредности и сили. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Брзата интеграција на Северна Македонија и регионот ќе обезбеди стабилност, но и развој на Европа. Потребни ни се предвидливи, веродостојни, засилени и забрзани процеси на интеграција во ЕУ“, нагласи премиерот Ковачевски.

Ковачевски уште додаде дека Владата останува посветена на реформите и реформските процеси, врзани пред сѐ со владеењето на правото, борбата против корупцијата и демократското владеење, како и на работата за поскоро закрепнување од економската криза за којашто се очекува зајакната финансиска поддршка од Европската Унија, со што дополнително ќе се овозможи забрзана енергетската и дигиталната трансформација.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседател на Европската Комисија Жосеп Борел, на прес-конференцијата истакна дека Република Северна Македонија се покажа како одговорен член на меѓународната заедница во придружувањето на осудата на воената агресија врз Украина.

Тој дополни дека Северна Македонија и Западен Балкан останува во врвот на стратешките приоритети на ЕУ и дека тој и Европската Комисија ќе направат сѐ што е неопходно членството на земјата во ЕУ да биде реалност колку што може поскоро.

Борел информираше дека Европската Комисија подготвува мерки од Европскиот инвестициски план за Западен Балкан за поддршка на енергетската диверзификација и намалување на зависноста, како соодветен одговор на економските последици со кои сите ние се соочуваме, а се предизвикани од војната.