Премиерот Ковачевски: Поддршката за ЕУ сé уште е на високо ниво

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во интервју за МИА посочува дека решението во преговорите кои нашата земја ги води со Република Бугарија се засноваат на европски вредности, како и на принципи на меѓусебна почит меѓу политичарите, институциите во двете држави како и на зачувувањето на достоинството на граѓаните од двете земји. Претседателот Ковачевски, како политичар во повеќе наврати има потенцирано дека никогаш не се врзува со датуми туку со реални проекти, во преговорите на актуелните две влади има една нова динамика, како и отпочнување на еден нов процес кој се темели на иднината на двете земји.

„Јас јуни никогаш го немам спомнато и не се врзувам за датуми, затоа што треба да имаме решение кое се заснова прво на европски вредности, а второ до коешто ќе се дојде низ комуникација, засновано на принцип на меѓусебна почит, прво помеѓу политичарите, второ помеѓу институциите во двете држави и трето на зачувување на достоинството на граѓаните на двете држави. Само такво решение може да претставува добра основа за отпочнување на преговорите и градење на меѓусебна доверба на две соседни држави коишто треба во светот да претставуваат пример за економска и секаков вид на соработка за напредување на стандардот на граѓаните“, изјави премиерот Ковачевски.

Поддршката на граѓаните за ЕУ сѐ уште е на високо ниво, истакнува во интервјуто претседателот на Владата Ковачевски, но неотпочнувањето на преговорите со Република Северна Македонија би дале лош сигнал и тоа не само за нашата држава, туку за целиот регион. Тој предупредува дека постојат и трети држави кои не сакаат да ја видат Република Северна Македонија како дел од Унијата и тие се финансирани на различни групи и политички партии во државата, кои се креатори на одредено јавно мислење. 

„Неотпочнувањето на преговори со Република Северна Македонија дава лош сигнал, бидејќи ние веќе имаме четири позитивни извештаи од страна на Европската комисија за нашиот напредок во усогласувањето со ЕУ. Тоа дава лош сигнал како за нас така и за цел регион. Министерот за надворешни работи сподели тоа што беше дел од одредени истражувања, а тоа е дека поддршката за ЕУ е сѐ уште на исклучително високо ниво, над 68 проценти. Меѓутоа неисполнувањето на одржувањето на првата меѓувладина конференција го зголемува скептицизмот кај одредени групи, што е нормално во еден таков долг процес и не е добро. Постојат и трети држави коишто не сакаат да ја видат Северна Македонија како дел од ЕУ и коишто финансираат различни групи па и политички партии. Ние имаме политички партии со антиевропска и анти-НАТО определба коишто се класично популистички во државата, никогаш не предложиле една остварлива мерка, меѓутоа се потхранети од едни такви центри надвор од државата и коишто со такво финансирање успеваат да креираат одредено јавно мислење коешто е спротивно на стратешките определби на доминантниот дел на населението и спротивно на сите владини партнери, а тоа е полноправно членство во Европа“, вели премиерот Ковачевски, додавајќи дека нашата земја е најновата членка на НАТО благодарение на тешките одлуки, меѓутоа сега е очигледно колку е значајно да се биде земја членка на НАТО, со оглед на тоа што безбедноста на државата се гарантира од најголемиот безбедносен и одбранбен сојуз во светот.