Од прес-конференцијата на портпаролите: Со укинување на царините за увоз на сончогледово масло, Владата ќе обезбеди дополнителни количини и стабилни цени на овој продукт

Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната прес-конференција, информираа за донесените одлуки и заклучоци од 37-та седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите.

 Портпаролите информираа дека во однос на заштитата на здравјето на граѓаните, Владата го укина задолжителното носење на заштитни маски во затворен простор, со исклучок на здравствените установи, јавниот превоз, аптеките и домовите за возрасни лица и за лица со попреченост.

Како што посочија, Владата и натаму силно ја афирмира препораката на Комисијата за заразни болести маски во затворен простор да носат лицата над 65 годишна возраст, хронично болните и лицата со намален имунитет.

Согласно препораките, се укинува обврската за задолжителното носење на маски за време на физичката настава во средните училишта, како и забраната за организирање екскурзии и настава во природа. Меѓу мерките што се укинуваат е и мерката за задолжителна изолација на лица што имале блиски контакти со случаи позитивни на КОВИД-19, за кои останува мерката за носење заштитна маска во затворен простор во период од седум дена од последниот контакт со лица со потврден КОВИД-19.

На прес-конференцијата портпаролите информираа дека на вчерашната седница е донесена одлука за укинување на царината за увоз на масло од сончоглед за јадење. Со ова, како што истакнаа, ќе се даде можност до 31 мај годинава да се увезат потребните количини од овој продукт од земји кои не се предмет на повластени царински стапки. Исто така, ќе се обезбедат доволно количини за домашниот пазар и ќе се намали притисокот за раст на цените на овој производ како резултат на глобални трендови.

Портпаролите информираа дека Владата го продолжува и рокот на примена на ограничување за извоз на одделни стоки, до 15 мај годинава. Ограничувањето се однесува на извозот на пченица и наполица, јачмен, пченка, брашно од пченица и наполица, семе од сончоглед, масла од семе од сончоглед, шафраника или памуково семе, како и извоз на луцерка. Овие стоки, како што подвлекоа, се потребни за преработка и производство на основни прехранбени продукти за граѓаните до новата домашна реколта.

На прес-конференцијата беше информирано дека Владата на вчерашната седница го утврди и текстот на Предлог-законот за финансиската инспекција во јавниот сектор, на предлог на Министерството за финансии. Целта на овој закон е заштитата на јавните финансиски интереси во финансиското управување со средствата на државниот буџет, буџетите на единиците на локалната самоуправа и средствата од други јавни извори како и средства на ЕУ фондовите, со утврдување на законитоста и нивното ефикасно и одговорно користење во согласност со посебните прописи кои ја пропишуваат надлежноста за спроведување на финансиска инспекција.

На медиумскиот интерес околу преговорите помеѓу СОНК и МОН за евентуална пренамена на буџетски средства за зголемување на платите во образованието и какви конкретни чекори ќе преземе Владата по ова прашање, портпаролите информираа дека средба меѓу претставници на Владата односно МОН и СОНК ќе се одржи во текот на денешниот ден, а за заклучоците јавноста ќе биде информирана. Тие подвлекоа дека Владата е посветена на заедничко изнаоѓање на одржливо решение прифатливо за сите страни во услови на економска криза и упатија апел до наставниците во основните и средните училишта и да ги стават интересите на децата на прво место.

Беше истакнато дека Владата преку конструктивен дијалог со синдикатите, платите на вработените во образованието и детската заштита во период од 2017 до 2022 година ги зголеми за 21%, а во истиот период негувателките и воспитувачките имаат зголемување од 5.000 до 6.500 денари плус минат труд.

„Оваа Влада докажа дека има слух за барањата и не бега од решение, но мора отворено и одговорно да ги менаџира буџетот и да се грижи за економијата. Нема да добиеме ништо ако ја покачиме инфлацијата а токму тоа ќе се случи ако се реализираат барањата вака како што се поставени“, беше потенцирано на прес-конференцијата.

Околу медиумскиот интерес за здравствената состојба на премиерот Ковачевски кој во неделата вечерта беше примен на Инфективната клиника под сомнение дека имал труење од храна, портпаролите информираа дека премиерот бил примен со болки во стомакот на Инфективната клиника каде му била пружена целосна нега, по што состојбата му се подобрила. Тој бил дополнително задржан заради опсервација, а утредента е пуштен во сосема добра здравствена состојба.

Во однос на форумот во Делфи беше информирано дека премиерот ниту јадел ниту се движел надвор од протоколите во овој период, односно дека како и за сите  останати настани каде што присуствуваат високи функционери, биле преземени мерки и активности за проверка на исправноста и безбедноста на пијалаците.

Портпаролите подвлекоа дека овие мерки се преземаат континуирано иако одредени ситуации не може однапред да се предвидат. Во врска со овој случај, како што подвлекоа, сите околности се испитуваат.

Во однос на прашањето за раздвојување на Северна Македонија и Албанија при отворањето на пристапните преговори за членство во Европската Унија, портпаролите истакнаа дека нашата земја ги спроведе сите реформи, исполнети се сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство, за што има одлука уште во 2020 година. Беше додадено дека од наша страна постои конструктивен однос за различните идеи и предлози за изнаоѓање решенија, а позицијата на Европската комисија по ова прашање е да бидат усвоени преговарачките рамки и да се одржат меѓувладините конференции со двете земји.

„Ова е процес заснован на заслуги и двете земји спроведоа сериозни реформи, затоа почетокот на пристапниот процес со Северна Македонија и Албанија е најдобрата и единствената опција, во интерес на обезбедувањето на перспектива и стабилност на целиот регион“, беше истакнато на прес-конференцијата.

На медиумскиот интерес во врска со смртта на младиот хрватски ракометар Денис Тот, портпаролите информираа дека институциите на извршната власт експресно постапија во врска со овој вознемирувачки случај. Како што посочија, Владата не може да коментира тековна истрага, но од она што досега е јавно познато, е дека лекарите поминаа деноноќна борба за реанимирање на младиот пациент, кој за жал почина, а МВР во соработка со Обвинителството постапи според доказите.

Приведени се двајца осомничени, додека првоосомничениот по неколку дена бегство и распишана потерница, синоќа се предаде откако полицијата презеде мерки и активности.