Адеми: Забраната за откуп на старо железо ќе се укине кога ќе се намалат кражбите

Забраната за вршење внатрешен промет, откуп и извоз на отпадоци и остатоци на производи од железо, челик, алуминиум, бакар, олово, цинк, калај, бронза и месинг ќе се укине кога ќе се видат резултатите од мерките што Министерството за животна средина и просторно планирање ги предложи до Владата, со кои треба да се намалат кражбите на предмети од јавен интерес, ифнормира денеска министерот Абдилаќим Адеми.

Тој посочи дека на последниот Економски совет дискутирале за предложените мерки за кои, како што рече, ќе се разговара и на седница на Владата.

- За да се тргне забраната очекуваме конкретни резултати. Да се намалат кражбите, отпадите да се однесуваат според законите, да соработуваат со државните органи со цел материјалите кои се забранети за откуп да не се откупуваат понатаму, изјави Адеми одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на семинарот „Градење на капацитетите за имплементирање на ЕУ директивата за депонии-затворање на нелегалните депонии и инспекција“.

МЖСПП по барање на Асоцијацијата на секундарни суровини при Стопанската комора на Македонија предложи построг надзор од државните институции, не само од државниот инспекторат за животна средина, туку од сите инспекторати, поригорозни мерки околу добивање на дозволата за отпад, при аплицирање да имаат банкарска ганација за добивање дозвола за откупување отпад со цел доколку се нанесе некоја штета на јавниот интерес Министерството да може да ја надокнади од тој фонд...

- Сите отпади, односно оние кои вршат дејност на отпад и сакаат да се ликвидира во наредните три години да не може да добијат дозвола за истата дејност, за оние за кои ќе констатираме дека не го почитуваат законот да им биде конфискуван целиот имот и следните три години да неможат да се занимаваат со истата дејност, рече Адеми.

За добивање дозвола за откуп на секундарен отпад ресорното Министерство ќе предвиди локациски услови, на кои површини треба да биде отпадот, 24 часовен видео надзор и посебни локации на кои ќе се товараат камините за извоз, каде треба да има 24 часовен видено надзор и во секое време инспекторатите да може да ги проверуваат снимките. Исплата за откупен отпад, додаде Адеми, да се врши исклучиво преку трансакциска сметка, да нема плаќање во кеш, а видео надзори да има и во леарниците и топилниците во процесот на примање на робата.

При обновување на дозволите, министерот појасни дека откупувачите треба да ги исполнуваат условите за банкарски гаранции, за површината, видео надзорот и исплатата.

Собирачите и транспортери на секундарни суровини минатата недела остварија средба со министерот Адеми и со вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски на која презентираа предлог-мерки со цел да се укине Наредбата за забрана на откупот и извоз на отпад и остатоците од железо, челик, алуминиум, бакар, цинк, олово, калај,  бронза и месинг.