Бектеши на Министерски состанок за енергетска безбедност во Софија: Историјата да се тргне настрана, да изнајдеме заеднички решенија кои ќе бидат во интерес на сите земји во регионот

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска учествуваше на Министерскиот состанок за Регионална соработка за енергетска безбедност, диверзификација и зелена транзиција кој што се одржи во Софија, Република Бугарија.

На Министерскиот состанок, министрите на земјите од регионот со претставници од Европската Унија разговараа за енергетската безбедност, потребата за итна реакција во нарушувањето со снабдување со енергенси како резултат од кризата во Украина, декарбонизацијата и зелената транзиција како и за формирањето на првата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас во рамки на сеопфатната платформа на ЕУ.

Министерот Бектеши во своето обраќање истакна дека сите земји кои се присутни на овој Министерски состанок се исправени пред воената агресија која се случува во срцето на Европа и која предизвикува огромни штети за сите.

„Северна Македонија е мала земја на Балканот, но ние сме вклучени во сите регионални иницијативи со цел да обезбедиме сигурност во набавката на гас за земјата, но и диверзификација на изворите на снабдување со енергенси. Сите сме исправени пред тешки одлуки во ова тешко време, но тешките времиња носат напредок“, кажа Бектеши.

Министерот се заблагодари на поддршката на Европската унија со која изминатите години се работеше заеднички на реформите во енергетскиот сектор во Северна Македонија со цел изградба на нови интеконектори и поголема поврзаност на мрежата не само во регионот, туку и Европа.

„Главната цел за овие инвестиции за регионално поврзување на енергетските системи и диверзификација на енергетските извори е поголема конкурентност на нашите економии и пониски цени на енергенси. Во моментов во финална фаза е почетокот на изградбата на интерконекторот со Грција, а во преговори сме со Бугарија за изградба на уште еден интерконектор кај Струмица. Во моментов се снабдуваме со гас само од еден гасовод со Бугарија со гас од Гаспром. Со новите интерконектори ќе ја намалиме зависноста на гас од Гаспром“ кажа Бектеши.

Министерот потенцираше дека историските прашања треба да се тргнат на страна и да се носат решенија во интерес на сите.

„Регионот произведува многу историски прашања и потребно е во овие тешки времиња да се тргне историјата настрана. Ве повикувам сите на солидарност заеднички да изнајдеме решенија кои ќе бидат во интерес на сите земји“, кажа Бектеши.

На Министерскиот состанок за енергетика во Софија се беше формирана новата регионална платформа на ЕУ за набавка на гас откако Газпром прекина да ја снабдува Бугарија ќе ги вклучи и земјите од Западен Балкан. Во оваа платформа свое учество има и Северна Македонија.

Новата регионална платформа во рамки на сеопфатната платформа на ЕУ има за цел да се справи со регионалните потреби за гас и струја, инфраструктурата, цените и намалувањето на зависноста од руските извори на енергија.

Софиската платформа ќе ги координира плановите во регионот, меѓународните набавки, залихи, поврзаност и со тоа ќе придонесе за енергетска безбедност во регионот.

На Министерскиот состанок кој е во организација на Министерството за енергетика на Бугарија, покрај министерот Бектеши и домаќинот, министерот за енергетика на Бугарија, Александар Николов учествуваа и Дите Јоргенсен, Генерален директор на Директоратот за енергија на Европската комисија (ДГ ЕНЕР), Константинос Скрекас, министер за енергетика и животна средина на Грција, Виргил Даниел Попеску, министер за енергетика на Романија, Зорана Михајловиќ, вицепремиер и министер за рударство и енергетика на Србија, Парвиз Шахбазов, министер за енергетика на Азербејџан, Герман Галушченко, министер за енергетика на Украина, како и Алпарслан Бајрактар, заменик-министер за енергетика и природни ресурси на Турција.