Премиерот Груевски утре во Варшава на форумот „Полска-Централна Европа-Кина“

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, утре (четврток, 26 април 2012 година) ќе учествува и ќе се обрати на бизнис форумот Полска – Централна Европа – Кина, што ќе се одржи во Варшава, Република Полска.

Домаќин на настанот е премиерот на Република Полска, г-дин Доналд Туск, а предвидено е присуство и на премиерот на НР Кина, г-дин Вен Џиабао.

Покрај нив на бизнис форумот најавено е присуство на неколку премиери, како и високи претставници од Унгарија, Романија, Бугарија, Литванија, Латвија, Естонија, Чешка, Словачка, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија.

Во рамки на форумот предвидени се билатерални средби на претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, со кинескиот премиер г-дин Вен Џиабао, како и со домаќинот, полскиот премиер г-дин Доналд Туск.