Средба Грковска - Худолин: Поддршката на ЕУ е исклучително важна, работиме на решенија кои ќе бидат долгорочни и одржливи и ќе обезбедат стандардизирани процеси во иднина

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, денеска оствари средба со шефот на секторот за соработка на Делегацијата на ЕУ, Штефен Худолин.

Вицепремиерката Грковска нагласи дека поддршката на ЕУ е исклучително важна во градењето на демократските капацитети за просперитет и економски напредок на Република Северна Македонија. Таа потенцираше дека, меѓу другото, нејзиниот Кабинет е фокусиран на дигиталната трансформација на општеството, градење на транспарентни и ефикасни институции, како и креирање на антикорупциски политики.

Грковска нагласи дека во наредниот период максимално ќе се ангажира во насока на дигитализацијата на процесите и услугите, зашто тоа е процес што директно влијае врз подобрување на квалитетот на живот на граѓаните. Потенцираше дека особен акцент става на изготвување на решенија кои ќе бидат долгорочни и одржливи и ќе обезбедат стандардизирани процеси во иднина.

Шефот на одделот за соработка Худолин потенцираше дека меѓуинституционалната соработка и координацијата се клучни за успешна реализација на проектите и за нивната одржливост.

На средбата се разговараше за статусот на реализација на тековните и идни проекти во насока на дигитализација на процесите кај институциите, што се финансирани преку ИПА проектите, како и антикорупциските политики, стандардизација на процесите и спроведување на идни заеднички активности.

Воедно, на работната средба беа разгледувани и можностите за соработка и во однос на идните проекти кои би биле поддржани преку програмата ИПА 3.

Во тој контекст Худолин изрази подготвеност за продолжување на соработката и нагласи дека Кабинетот на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Савица Грковска има клучна улога при координацијата на проектите во кои се вклучени повеќе институции.