Бесими: Со придонесот во меѓународните мировни мисии, Македонија де факто членка на НАТО

СР Германија е поддржувач на Република Македонија за нејзиното членство во НАТО, со високо признание и благодарност за учеството на македонските мировници во меѓународните мисии. И во овој период однесувањето на Република Македонија де факто како членка е од големо значење и за Алијансата и за кредибилитетот на земјата.

Ова е оценката на министерот за одбрана Фатмир Бесими по неговата официјална посета на Берлин пред престојниот Самит на НАТО во Чикаго, по средбите со германскиот министер за одбрана Томас де Мизиер, со парламентарниот државен секретар во министерството и со членовите на Комисијата за одбрана во Бундестагот.

Стратешки приоритет за Република Македонија останува полноправното членство во НАТО, укажал на серијата средби Бесими, потенцирајќи дека ќе се продолжи со придонесот во мировните мисии, како и со реформите во делот на исполнувањето на НАТО стандардите.

- Во однос на евроатлантските интеграции и значењето на стабилноста во регионот, констатиравме дека Македононија де факто се однесува и ќе продолжи да се однесува како членка на Алијансата, како во однос на реформите, така и за меѓународните мисии, изјави министерот Бесими по средбите, додавајќи оти сето тоа ја прави Македонија се покредибилен партнер на Алијансата.

На средбите високо е оценета и соработката меѓу Македонија и Германија во полето на одбраната.

Според парламентарниот државен секретар во германското Министерство за одбрана Шмид соработката се одвива, како што рече, како двете земји веќе целосно да се интегрирани во НАТО.

- Македонскиот придонес во меѓународните мисии навистина заслужува да биде истакнат и е навистина забележителен. Прашањето кои временски рамки ќе важат за одлуки кои ќе произлезат за понатамошниот развој кон членство на Македонија во НАТО и ЕУ ќе зависи и од прашањето како можат да бидат отстранети се уште постоечките пречки, рече Шмид.

Изразувајќи благодарност, тој нагласи дека македонските војници во северниот дел на Авганистан имаат важна улога. Шмид информира дека во втората половина годинава Германија ќе раководи со батаљонска борбена група на ЕУ, во чиј состав меѓу другите ќе бидат и македонските војници.

Инаку, во 2004 година во Бундестагот беше изгласана препорака до германската Влада да ја признае Република Македонија под уставното име. Како силен поддржувач на интересите и интегративните процеси на Македонија, Германија е една од земјите со најсеопфатна соработка во областа на одбраната.

Во рамки на годишните усогласени програми и спогодбата за соработка, досега 115 припадници на АРМ се школувале во Центрите за обука на Бундесферот, а се реализирани и бројни школувања и специјализации на медицински персонал. Првиот придонес на Република Македонија во мисијата ИСАФ со формациска единица беше остварена како дел од германскиот контингент во 2003 година.