Грковска и Кицара потпишаа Меморандумот за соработка: Стандардизацијата на процесите е неопходна за да се минимизира човечкото влијание во работењето на институциите

Водени од заеднички интерес за квалитативно унапредување на работата на јавните институции и стандардизација на процесите, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска и директорот на Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија, Џевад Кицара потпишаа Меморандум за соработка.

Потпишувањето на документот е резултат на потребата за поголема соработка меѓу Кабинетот и Институтот за стандардизација, во делот на имплементација на стандардите и подигнување на квалитетот на услугите што ги даваат институциите.

„Оваа соработка е важна за целата држава. Стандардизацијата е тоа што ни недостасува во дел од институциите. Стандардизираните процеси се исклучително важни, зашто го минимизираат човечкото влијание во работењето на институциите. И токму поради тоа од нашиот кабинет ќе излезе препорака до сите институции да ја засилат соработката со Институтот“, истакна вицепремиерката.

Со меморандумот се овозможува поттикнување, развивање и обезбедување на сите облици на соработка, како и зголемување на потенцијалите за промоција на истите. Креирање и спроведување на обуки за примена на стандардите, како и заедничко планирање и организирање на семинари, трибини, обуки и други активности од заеднички интерес.

По потпишувањето на документот, вработените во Кабинетот учествуваа на обуки за менаџери и примена на системот за управување со квалитет.