Грковска на средба со Саразин: Поддршката од Германија за европската перспектива на Северна Македонија е знак на силно пријателство и партнерство меѓу двете земји

Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска во рамки на „Преспа форум за дијалог“ што се одржува во Охрид, оствари билатерална средба со Мануел Саразин, специјален пратеник на Германија за земјите од Западен Балкан.

На средбата беше нагласена одличната соработка на Северна Македонија со Германија, која е наш најсилен поддржувач во текот на 30 години дипломатски односи. Во разговорот Грковска потенцираше дека поддршката од Германија за европската перспектива на Северна Македонија е знак на силно пријателство и партнерство меѓу двете земји.

Грковска и Саразин разговараа и за теми поврзани со билатералната соработка на полето на доброто владеење преку размена на искуства со експертска и институционална поддршка. Во таа прилика вицепремиерката се заблагодари за поддршката од Германија, која ќе депонира специјален советник за антикорупција и добро владеење во нејзиниот Кабинет.

„Исклучително сум горда на силната соработка меѓу нашите две земји на полето на доброто владеење. Сакам да им се заблагодарам на германската влада и на тимот на Амбасадата во Скопје за сета поддршка што ја дадоа досега, посебно за советникот за антикорупција, кој во мојот Кабинет ќе дојде како поддршка од германската влада“, истакна на состанок вицепремиерката Грковска.

На средбата соговорниците се согласија дека врвен приоритет на Унијата треба да остане интеграцијата на земјите од Западен Балкан.