Обучени волонтери од сите засегнати општини ќе ја штитат Шар Планина од пожари

Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути ја посети обуката за справување со пожари на отворен простор за просторните сили на Шар Планина, што вчера и денес се реализира во организација на ЈУНП Шар Планина со поддршка на Дирекцијата за заштита и спасување и Против пожарната едница од Тетово. 

Со обуката беа опфатени повеќе од 30 волонтери од граѓанското здружение за унапредување мерки за заштита од пожари „ДОБРОВОЛНО ПОЖАРНИКАРСТВО“ Тетово, а беа присутни и учесници од сите седум општини на територија на новиот национален парк. Во иднина е планирано во континуитет да се организираат слични обуки и бројот на обучени лица да се зголемува со цел рано дејствување при појава на шумски пожари.

„Оваа обука се одржува во вистинско време, во пресрет на високите температури и опасноста од пожари. Ја поздравувам активноста на Управата на новиот национален парк Шар Планина и ме радува што гледам дека грижата за природното богатство на оваа наша планина предизвика ваков интерес и подготвеност за вклучување во нејзината заштита од волонтери од сите општини што се дел од ова заштитено подрачје“, истакна Нуредини.

Зајакнувањето на граѓанскиот сектор во доброволното гаснење на пожари опфати теми како вовед во системот за заштита и спасување, права и обврски на институциите во системот за заштита и спасување од пожари со практична употреба на ПП апарати и хидрантската мрежа, прва медицинска помош, мерки за заштита и спасување, евакуација и згрижување на загрозеното население, лична и колективна заштитна опрема, тактика и техники на гаснење на шумски пожари на отворен простор, штети на шумите од пожар и заштита на шумите, како и практичен дел, употреба на гребла, ПП метли, воздушни дувачки и моторни грбни пумпи за вода.

На настанот, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути изразувајќи задоволство од соработката ги предаде 10 пара заштитни комбинезони за интервенција на отворен простор од страна на ДЗС за потребите на националниот парк. 

Во оваа прилика директорот на ЈУНП Шар Планина Ибрахим Дехари, упати апел до  локални жители и љубители на природата да се однесуваат одговорно при посета на националниот парк со оглед на постоечкиот ризик од појава на пожари и фактот дека во моментот во  ЈУНП Шар Планина нема иницијатива за ограничување на движењето во шума. 

Реализацијата на обуката беше овозможена со поддршка на Светскиот фонд за природа (WWF Adria), Центарот за едукација и развој од Теарце (CED), Шведската агенција за развој и соработка (SIDA).