Вицепремиерката Грковска во посета на Инспекцискиот совет: Инспекциските служби мора да бидат ефикасни, објективни и да им служат на граѓаните

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска го посети Инспекцискиот совет каде директно се информираше за процесот на унапредување инспекциските служби, со цел да се обезбеди ефикасни и квалитетни услуги на граѓаните.

На состанокот со претседателката на Инспекцискиот совет, Даниела Рендевска, присуствуваа и членовите на Советот со кои се разговараше за потребите и предизвиците со кои се соочуваат инспекциските служби.

Вицепремиерката Грковска оцени дека за Инспекцискиот совет е многу важно што конечно, со поддршка на Владата, е обезбедена сопственоста на кодот за алатката Е-Инспектор со што се овозможува одржливост и можност за унапредување на оваа алатка и имплементирање во останатите 13 инспекторати.

Таа нагласи дека оваа активност мора да се реализира навремено, за што е неопходно да има постојана координација со сите надлежни институции.

Алатката Е-Инспектор, додаде вицепремиерката Грковска, е гаранција за објективно и непристрасно постапување на сите инспекторати кои мора да бидат објективни и да им служат на граѓаните. Затоа, мора што е можно побрзо да се обезбеди нејзина целосна функционалност.

Претседателката Рендевска информираше за следните чекори во овој процес за што, како што рече, е во комуникација со сите инспекторати. Дополнително, нагласи Рендевска, со поддршка на УСАИД се работи и на јакнење на интегритетот на инспекциските служби.

Вицепремиерката Грковска се интересираше дали Инспекцискиот совет има подготвено План за проценка на ризици од корупција и дали постапува по него. Таа нагласи дека ваков план мора да има секоја институција, со цел да се превенираат евентуалните ризици од корупција.

Вицепремиерката Грковска и членовите на Инспекцискиот совет се договорија да имаат редовни средби, на месечно ниво со цел да се обезбеди подобра координација и функционирање на сите инспекциски служби.