Ковачевски: Правиме сѐ за да обезбедиме електрична енергија по цена под берзанската

Владата ќе направи сѐ за да обезбеди на стопанството цена на електрична енергија која ќе биде оптимална на овие услови, да биде под берзанската цена и да биде издржлива за стопанските субјекти, изјави премиерот Ковачевски по работните состаноци со бугарскиот премиер Донев и претседателот на Бугарија Радев во Софија.

Премиерот Ковачевски истакна дека ова треба да се реализира со формирање на работна група и други активности со Република Бугарија и соодветните тела во Европската Комисија бидејќи Бугарија е членка на ЕУ за да може да се комплетира тој дел.

„Исто така македонскиот бизнис имаше барање да не бидат прекинати меѓународните текови на трансфер на електрична енергија бидејќи во минатото тоа се има случувано во три наврати во прилично долги периоди меѓу Бугарија и Северна Македонија. И тоа беше предмет на разговор. Она што го имаме сметаме дека, ако се ова се реализира според динамиката и целите кои се зададени дека ќе може стопанството да има цени кои ќе бидат прифатливи и соодветни на она што одговара на нивните производствени и услужни процеси”, рече Ковачевски.

Премиерот посочи дека очекувањата се за максимум 2 недели да се дојде со одреден предлог кој предлог мора да биде соодветен на легислативите на Бугарија и на Северна Македонија и на ЕУ. 

„Се надевам дека во духот на добра волја и во духот на сите правила тоа ќе може да биде направено. Ние нормално дека имаме и други опции кои ги разгледуваме, меѓутоа Бугарија е основата на базната енергија во регионот пред се заради тоа што има нуклеарна централа која што работи, која што е најголемиот производител на електрична енергија”, рече Ковачевски.