„Безбеден град“ - МВР со видео надзор во Скопје, Куманово и Тетово

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, заедно со директорите на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Управата за јавна безбедност, Сашо Мијалоков и Љупчо Тодоровски денеска во просториите на СВР - Скопје го промовираше проектот „Безбеден град“ за покривање со видео надзор на територијата на градовите од суштинско и витално значење за полицијата.

„Безбеден град“, според Јанкулоска, е проект што значи нова технолошка ера во работењето на МВР, а кој освен во Скопје е замислено да ги покрие и Куманово и Тетово.

Инсталирани се над 300 километри оптичка мрежа, а кога проектот ќе биде целосно завршен, информираа таа, во функција ќе бидат над 600 камери кои ќе вршат мониторинг на просторите каде најчесто има јавни собирања, на најфреквентните и стратешки сообраќајници, влезовите и излезите од градовите.

- Со овој проект докажуваме дека МВР постојано инвестира во јакнење на капацитетот. Овој пат промовираме еден високо технолошки проект за кој можам да кажам со задоволство дека малку земји од поширокото опкружување може да се споредат со технолошките решенија кои во моментот ги има Република Македонија, изјави министерката Јанкулоска, по промоцијата што се одржа на Денот на полицијата -  7 Мај.

Таа информира дека ќе продолжат да го зајакнуваат капацитетот на МВР и преку инвестиција во човековите ресурси бидејќи, како што подвлече, целата инсталирана опрема не би можела да функционира без професионалци, кои се најдоби во она што го работат, а МВР ги има токму тие луѓе.