Ковачевски на Колумбија Универзитетот: Дигитализацијата е клучна за намалување на корупцијата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски одржа предавање на реномираниот Колумбија Универзитет во рамките на Форумот на светски лидери, на кој меѓу другото во дискусија со студентите говореше за процесот на дигитализација и мерките што Владата ги презема во делот на дигиталните реформи.

Премиерот потенцираше дека интензивно се работи на дигитализирање на процесите што е важно за ефикасна борба против корупцијата и подобрување на квалитетот на услугите што ги нудат институциите. При тоа, премиерот Ковачевски посочи дека во спроведувањето на дигиталната реформа важна е поддршката што како држава ја добиваме од САД, Швајцарија и ЕУ.

„Дигитализацијата е клучниот збор за секоја држава. Кога спроведувате дигитализација тогаш го намалувате човечкиот контакт, кога ќе се намали човечкиот контакт, веднаш се намалува и корупцијата, затоа што корупцијата е присутна на шалтерите, на пониските нивоа. Затоа дигитализацијата е клучниот збор, и ги  правиме сите потребни стратегии, за секоја следна Влада да го продолжи процесот на дигитализација на институциите“, рече премиерот Ковачевски.