Ковачевски-Шоле: Фокусирани сме на продлабочување на билатералното партнерство

Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на учеството на 77-то Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, денес одржа средба со Дерек Шоле, американски советник за надворешна политика и автор кој моментално работи како советник на Стејт департментот на Соединетите Американски Држави.

На средбата на која присуствуваше и Бујар Османи, министер за надворешни работи, беше потврдено стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија. Беше потенцирано дека Северна Македонија напредувала од земја која тежнеела да стане членка на НАТО, до сигурен, еднаков и способен сојузник.

На состанокот Ковачевски и Шоле дискутираа за актуелните проекти во енергетиката и енергетската транзиција. Двете земји ја повторија својата посветеноста во услови на светска енергетска криза за зголемување на енергетската диверзификација. САД и Северна Македонија ја истакнуваат својата посветеност за зајакнување на партнерството во транзитот и производството на обновливи извори на енергија.

Тема на состанокот беше и претстојното претседавање на Република Северна Македонија со ОБСЕ и важноста на ова претседавање во глобалните процеси во време на светска криза.