Од прес-конференцијата на портпаролите: Домаќинствата ќе имаат струја и парно, економскиот тим ги финишира преговорите за да се помогне и на стопанството; Студенчишко блато ќе биде прогласено за заштитено подрачје

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија, Душко Арсовски и Муамет Хоџа, на денешната прес-конференција информираа за донесените одлуки и заклучоци од 85-та седница на Владата и одговараа на прашања од интерес на јавноста и медиумите. На прес-конференцијата присуствуваше и Виктор Андонов, соработник за енергетика во Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија кој  информираше и одговараше на прашања од новинарите на тема енергетика.

Како што беше информирано на прес-конференцијата, Владата на вчерашната седница одобри 1,1 милијарда денари на АД ЕСМ за набавка на енергенси пред почетокот на грејната сезона, согласно Одлуката за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

Со оваа и со сите други активности што се преземаат, граѓаните ќе имаат непречено снабдување со топлинска енергија во претстојната грејна сезона. Ресорните институции, како што беше истакнато, се во постојана координација за да се  обезбедат потребните ресурси за производство на топлинска енергија по најповолни цени, сѐ со цел домаќинствата да имаат помали трошоци. На таков начин ќе се дојде до најдоброто решение што би спречило ценовен шок и поскапување на парното. Владата, како што истакнаа портпаролите, е одлучна во справувањето со последиците од економската и енергетска криза предизвикана од глобални трендови.

На прес-конференцијата беше информирано дека на вчерашната седница, беше разгледан и  планот на АД „Водостопанство“ за зголемување на приходите за 10 проценти и намалување на расходите за 20 проценти, со цел надминување на проблемите со ликвидноста во оваа друштво.  Следствено, донесен е заклучок со задолжување на Управниот одбор да го раскине менаџерскиот договор со директорот и во иднина сите нови договори да се склучуваат со претходна согласност со Министерството за финансии.

Надоместоците за членовите на Управниот одбор, како што беше одлучено, во наредните 12 месеци е во план да се намалат за 50 проценти. Во насока на намалување на расходите, како што беше истакнато,  Владата го задолжи АД „Водостопанство“ да ги намали капиталните инвестиции во износ од 100 милиони денари со што се намалува финансискиот план за износот што е предложен од нивна страна.

На денешната прес-конференција портпаролите информираа дека Владата откако го разгледа, го утврди Предлог-законот за прогласување на Студенчишко блато за заштитено подрачје - Парк на природата, кој ќе биде испратен во Собранието на натамошно одлучување.

Со донесување на овој Закон ќе се овозможи: зачувување на природната состојба на локалитетот преку заштита на природните и други вредности, спречување на дејствија што можат да предизвикаат нарушување на живеалиштата и  екосистемите, создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност како и одржливо користење на природните ресурси.

На прес-конференцијата беше информирано дека на вчерашната седница  пред членовите на Владата на разгледување се најде и Информацијата за почеток на изработка на нов Национален план за управување со квалитет во јавниот сектор во Република Северна Македонија за 2023-2025 година, подготвена од Министерството за информатичко општество и администрација.

Новиот Национален план, како што беше истакнато, произлегува од потребата да се подобрат услугите што владините институции ги нудат со изградба на ефикасен, модерен и транспарентен граѓански сервис што ќе обезбеди висок квалитет на работа, како еден од главните приоритети на Владата на Република Северна Македонија.

Како што беше оценето, ваквите модерни практики во примената на меѓународните стандарди за квалитет во управувањето се очекува во иднина да бидат интегрирани во сите владини политики и да станат императив во сите јавни институции.

На новинарското прашање дали ќе бидат разгледани предлозите на опозициската ВМРO-ДПМНЕ за справување со енергетската криза, соработникот за енергетика Виктор Андонов истакна дека Владата има план за справување со енергетската криза кој веќе го презентираше на Совет за безбедност кај претседателот Пендаровски. Тој информираше дека и посетата на владини делегации на Република Бугарија, Република Грција како и  разговорите во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ се во насока за набавување на  дополнителни количини енергенси, подвлекувајќи дека секоја дополнителна сугестија од политичките партии е добредојдена.

На медиумскиот интерес околу договорите со соседна Република Србија за набавка на дополнителни количества на гас, тој оцени дека до крајот на грејната сезона топланите ќе потрошат околу  230 милиони нормални метри кубни на природен гас и дека можниот договор со нашиот северен сосед е со цел да се обезбеди поповолна цена на енергенси за индустријата, како и поповолни цени на топлинската енергија за граѓаните.

Тој информираше дека доколку се финализира договорот со купениот гас од соседна Република Србија ќе се произведува електрична енергија, од која дел потоа ќе се продава назад во Србија. Тој изрази оптимизам дека овој можен договор ќе профункционира и ќе се обезбеди потребно количество енергенси, а доколку не се обезбеди потребното количество гас, електраните имаат резервна опција да работат и на мазут.

Соработникот за енергетика подвлече дека во ваква глобална енергетска криза сите држави преку своите буџети прават напори да дадат целосна поддршка и на граѓани и на индустријата и дека тоа го прават и преку обезбедување пониски цени на енергенсите.

На медиумскиот интерес во врска со евентуални измени на договорите за закуп на електраните, Андонов подвлече дека Владата нема да потпадне под притисоци или уцени за некои да ја искористат ситуацијата во која се наоѓаме, додавајќи дека за да се случи продажба треба некаква процедура која пак не може да се направи во рок од неколку дена. Тој истакна дека и досега електраните функционираа на закуп така што интенцијата на Владата е истото да се заврши до крајот на грејната сезона - ЕСМ да го добие закупот од АДОРА за електраните како што било досега.

На новинарското прашање дали граѓаните може да очекуваат дека со почетокот на грејната сезона ќе имаат парно греење Андонов изрази увереност дека на граѓаните ќе им биде испорачана топлинска енергија навреме и дека со оглед на тоа што БЕГ ги врати назад трите лиценци, до крајот на оваа недела ќе се презентира решението за неговиот наследник.

На  новинарското прашање како ќе им се помогне на најголемите потрошувачи на електрична енергија кои се на отворен пазар, Андонов истакна дека решенијата беа презентирани на состанокот на Министерот за економија со Стопанската комора за обезбедување на прифатлива цена на електричната енергија  и подвлече дека граѓаните нема да останат без електрична енергија и  ќе бидат заштитени заедно со малите потрошувачи.  Како што посочи, предвидени се и дополнителни мерки за граѓаните и ранливите категории.

Околу најавите за отпочнување со работа на електрана која ќе произведува електрична енергија од мазут, Андоновски информираше дека сите овие заложби се прават со цел да бидеме што помалку зависни од надвор и да обезбедиме сопствени извори на енергија. Тој истакна дека ЕСМ е задолжен да ги направи сите анализи во овој правец и да презентира до Владата кои се опциите за отпочнување со работа на ваква електрана.

На новинарското прашање дали се води партиско регрутирање на професионални војници во АРМ во Арачиново, портпаролите истакнаа дека Министерството за одбрана јасно порача дека Армијата ѝ служи на државата, а не на партиите. Ставот на Владата политичките партии да бидат подалеку од Армијата, е јасно изразен во измените на Законот за служба во Армијата.