Ковачевски: За 16 проценти повисоки пензии, новата методологија обезбедува континуиран раст

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на седницата на пратенички прашања во Парламентот рече дека пензиите се покачени како никогаш досега и оцени дека новата методологија за пресметување на пензиите даде резултати и таа предвидува континуиран раст согласно трошоците за живот и просечната плата, а не како порано, кога пензиите се зголемуваа пред избори, еднократно.

„За една година пензионерите ќе добијат зголемување од минимум 16 проценти. Такво зголемување немало. Навистина е задоволство кога гледаме дека новата методологија за пензии, којашто ја донесовме со Партијата на пензионерите, Сојузот на пензионерите, веќе дава резултати - со оглед на тоа што сега покачувањето на пензиите кои ќе го добијат пензионерите е од 6,8 проценти и заедно со 2,9 проценти, доаѓаме до зголемување на пензиите оваа година од ниво до 10 проценти. Дополнително, со новото зголемување во март, од март 2022 до март 2023 - а со оглед на тоа дека имаме методологија во којашто 50 проценти е раст на инфлација, а 50 проценти е раст на просечна плата, зголемувањето ќе биде сигурно исто како сега. Тоа никогаш не било. Тоа се факти коишто се важни за пензионерите“, додаде премиерот Ковачевски.