Ковачевски: Енергетската трансформација е нашиот влог во иднината, работните места се и понатаму сигурни

„Нашата цел е да обезбедиме оджлива иднина на РЕК Битола. Имаме план, а кога во енергетиката се зборува за план тоа значи да се има план за наредните десет години и прецизен план со месечни динамики за пет години“, рече премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање по повод 40 години РЕК Битола.

Премиерот Ковачевски рече дека Владата е силно фокусирана на инвестициите во енергетскиот сектор, кои ќе ја зголемат енергетската транзиција и независност и тоа е нашиот влог во иднината.

„Трансформацијата на комбинатот во капацитет за производство на чиста енергија се движи постапно. Токму сончевите електрани ќе бидат двигатели на енергетската транзиција во Северна Македонија. Во ЕСМ се финализираат и други проекти за изградба на фотонапонски централи во РЕК Битола, со капацитет помеѓу 200 и 300 мегавати. Работните места на сите работници сега и во идна со енергетската трансформација се сигурни. Нивната пожртвуваност и во најтешки и најсложени временски услови да обезбедат суровина за производство на електрична енергија, е вреднувана и ценета не само од раководството на РЕК Битола и АД ЕЛЕМ, од Владата туку и од сите граѓани на Република Северна Македонија. Инвестициите во енергетиката се наш фокус за да имаме резултати сега, но пред сè на среден и долг рок“, рече премиерот Ковачевски.

Премиерот Ковачевски подвлече дека Владата донесе нова Стратегија за развој на енергетика до 2040 година целосно базирана на Европскиот Зелен Договор, којашто веќе се имплементира во државата.

„Преку концептот на Стратешки инвестиции, разговараме и се преговара за над 1.000 MW, во проекти за изградба на фотонапонски и ветерни централи и тоа со реномирани европски компании.  Го поддржуваме Европскиот Зелен Договор за одржлива економија, кој подразбира претворање на климатските и еколошки предизвици во можности и придобивки за државата и за граѓаните. Се реализираат сериозни енергетски инвестициски проекти во целата држава, развиваме државни проекти за изградба на фотонапонски, ветерни и хидроелектрани во државна сопственост со цел зајакнување на позицијата на државното електростопанство. Ќе набројам неколку: фотонапонската електрана од десет мегавати во сопственост на ЕСМ на поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ е првата енергетска транзиција на електрана на јаглен во чиста енергија, во регионот. Фотонапонските централи по пат на Јавно приватно партнерство со ЕСМ во Осломеј, со инсталиран капацитет од 100 мегавати. Во текот на 2023 година очекувам да започне со градба и уште една десет мегаватна соларна централа во Осломеј од страна исто така на ЕСМ. Ветерниот парк „Вирови“, од страна на германската компанија „Ви-Пи-Ди“, најголемата фотонапонска централа во овој дел од Европа, „СТИПИОН“ со капацитет од околу 400 мегавати, од реномираната француска компанија „Акио“. Неодамна почна со работа новата 17 МW соларна централа, инвестиција која оваа Влада ја обезбеди, од страна на компанијата од Словенија „Ген-И“. Проектот на една од најголемите грчки компании Митилинеос е прогласен за стратешка инвестиција за изградба на когенеративна електрана за производство на топлина и електрична енергија во Скопје со инсталиран капацитет од 150 мегавати“, рече премиерот Ковачевски и додаде дека во наредните две години, треба се пуштат во употреба сите 130 мегавати на фотонапонски електрани, по пат на премиуми за кој се потпишани договори во изминатите две години. Издадени се овластувања за изградба на три ветерни електрани со вкупен инсталиран капацитет од 11 мегавати на приватни инвеститори.

Премиерот Ковачевски истакна дека и првиот ветерен парк „Богословец“, треба официјално да започне со работа веќе идната година.

„Таму веќе почнуваат да пристигаат ветерните турбини. И на крај, за најзначајниот проект „Чебрен“, историски проект, за прв пат има понуда од изведувач, односно од инвеститор после 13 неуспешни тендери.  На почетокот на 2023 година очекувам да ја започнеме изградбата на гасниот интерконектор со Грција со кој ќе се приклучиме на транс-јадранскиот гасовод и ќе добиваме гас од Азербејџан. Инвестираме заедно со нашите пријатели во Александруполи, терминалот за течен природен гас.

Оваа Влада како ниедна до сега вложува во енергетиката и во проекти кои на среден и долг рок ќе носат само бенефит. Посветени сме на енергетската транзиција на земјата, затоа што знаеме дека тоа е иднината и за енергетска независност, но и за заштита на животната околина. И затоа само во мандатот на мојата Влада имаме веќе инсталирано 27 мегавати фотоволтаични централи во државата што е повеќе за 11 мегавати од она што беше направено вкупно за 11 години во текот на мандатот на претходната Влада“, рече премиерот Ковачевски.

На свеченоста свои обраќања имаа и министерот за економија, Крешник Бектеши, генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, директорот на РЕК Битола, Пеце Матевски, а беа доделени и благодарници.