Ковачевски: Со владина поддршка го вративме сјајот на Домот на култура во Прдејци

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска го посети реконструираниот Дом на култура во Прдејци, Општина Гевгелија. Овој објект е реконструиран со средства од владините проекти на ТАВ кои се насочени исклучиво кон подобрување на инфраструктурата и квалитетот на животот на граѓаните во локалните заедници.

Во продолжение е изјавата на премиерот Ковачевски пренесена во целина.

„Објектот кој денеска го посетив овде во Прдејци има исклучително значење за една локална заедница, затоа што ваквите објекти како овој Дом на културата кој беше целосно реновиран со владини средства од проектите на ТАВ, претставуваат споменици кои го чуваат наследството и во кои е впишан значаен дел од историјата со години наназад. Впрочем, смислата на вложување во културата треба да се бара во градењето општество во кое сите подеднакво ќе учествуваат во создавањето на културните вредности и сите ќе имаат пристап до нив како консументи.

За жал, домовите на културата кои беа симбол на подемот на културата во еден некогашен систем,  низ годините доживеаја немила судбина да бидат напуштени и заборавени од неодговорното и расипничко однесување на претходната власт. Овие сврталишта на многу генерации, поради мегаломанските зафати на истата таа власт, особено во главниот град, но и во помалите места, останаа целосно разнебитени и напуштени, без никој да води вистинска грижа за нивното значење и наследството што го имаат. Затоа, токму овде од Прдејци, од пред овој важен објект кој сега е целосно обновен, сакам да им порачам на опозицијата, реновирањето да не си го препишуваат како лична заслуга и да не се обидуваат да ја манипулираат јавноста, китејќи се со нешто за кое немаат дадено никаков придонес.

Граѓаните знаат да препознаат вистинска грижа и одговорно однесување и тоа го гледаат во сите мерки, политики и проекти кои ги реализираме во изминатите пет години.

Како Влада која посветено работи на развој и унапредување во секој сегмент од општеството меѓу другото и на културата, ние сме јасно фокусирани, на враќањето на поранешниот сјај на овие места и тоа се гледа на дело.

Со реконструкцијата која што заврши на почетокот на летото, Домот на култура во Прдејци во Општина Гевгелија, добивме модерен, функционален повеќенаменски објект пристапен за сите, кој ќе го збогати квалитетот на живот во вашето место. Овој капитален проект од огромно значење за локалното население, го реализиравме преку владината програма со пренаменетите средства од ТАВ во висина од 211 илјади евра. Овие финансии се искористени за целосна внатрешна и надворешна реконструкција со што добивме модерен и целосно енергетски ефикасен објектот. На овој начин во време на енергетска криза обезбедуваме рационално искористување на електричната енергија, подобри услови за вработените, но и за посетителите.

Проектите од ТАВ програмата, меѓу кои е и овој Дом на културата, се пример за соработка помеѓу локалната и централната власт и општествено одговорните инвеститори.

Тоа се реални проекти за секојдневните, реални потреби за граѓаните. За поврзување на населените места, обезбедување на квалитетно и континуирано водоснабудување, како и подобрување и модернизирање на содржини средени за граѓаните да добијат поквалитетен живот во местата каде живеат.

Во оваа прилика сакам да истакнам дека Владата во соработка со ТАВ реализира инфраструктурни проекти низ целата држава, во сите плански региони. Вкупна вредност за сите 94 инфраструктурни проекти изнесува 49,7 милиони евра. Голем дел од проектите се завршени, а дел се во завршна фаза.

Тоа значи дека и во време на светска економска криза ние остануваме цврсто на нашата стратешка определба - интензивни  вложувања во инфраструктурата на локално ниво, што значи подобар живот. Затоа што кога велиме дека градиме европска држава, пред сè мислиме на европски квалитет на живот и европски животен стандард за сите граѓаните, овде дома“.