Маричиќ-Могерини: Ја активираме соработката со „Колеџот на Европа“ за поддршка во процесот на преговори со ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ денеска, во рамки на посетата на „Колеџот на Европа“, во Бриж имаше средба со поранешната висока претставничка на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, а сега ректорка на „Колеџот на Европа“ Федерика Могерини.

На средбата, иницирана од вицепремиерот Маричиќ, беше разговарано за можностите за унапредување на соработката во рамки на веќе потпишаниот Меморандум за разбирање, преку различни курсеви, тренинзи и проекти кои ќе го доближат процесот и олеснат преговорите со ЕУ.

- Поддршката од „Колеџот на Европа“ во зајакнување на знаењето на македонската администрација ќе биде од големо значење за евроинтеграцискиот процес. Активирањето на Меморандумот за разбирање со „Колеџот на Европа“ е добар знак за нашата посветеност и желба успешно да го завршиме преговарачкиот процес, рече на средбата Маричиќ изразувајќи верување дека соработката ќе се одвива динамично во позитивна насока и дека резултатите ќе бидат видливи во текот на преговорите со ЕУ.

Ректорката Могерини исто така изрази задоволство иницијативата за активирање на активностите предвидени со Меморандумот за разбирање и од можноста за соработка токму во процесот на преговори на Северна Македонија со Унијата.

Покрај тоа, се разгледаа и можностите за учество на нашата администрација на летните семинари на колеџот, како и можноста за заедничка проектна соработка. Двајцата изразија очекување дека на ваков начин ќе се придонесе во стручното усовршување на сите кои се вклучени во преговарачкиот процес, како и дека јакнењето на капацитетите е чекор кон постигнување на целта членство до 2030 година.

Секретаријатот за европски прашања и „Колеџот на Европа“ во Бриж потпишаа Меморандум за соработка, во мај 2016 година, во однос на размена на знаење и искуства, научни истражувачки и применливи активности, како и едукативна и експертска специјализација на администрацијата во Секретаријатот, согласно капацитетите и ресурсите на двете институции.

После средбата со ректорката Могерини, вицепремиерот и главен преговарач со Европската Унија, Маричиќ ќе има предавање пред студентите и младите дипломати од „Европската дипломатска академија“, основана од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), на тема: „Процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан, со фокус на евроинтеграциите на Северна Македонија“.