На светот му е потребна функционална безбедносна организација

Министерот за надворешни работи Бујар Османи учествуваше на 29-от состанок на Министерскиот совет на ОБСЕ, што оваа година се одржува во Лоѓ, Полска, на 1 и 2 декември 2022 година.

Во неговото обраќање пред министрите за надворешни работи и претставниците на земјите учеснички на ОБСЕ, министерот Османи се задржа на состојбите со кои се соочува Организацијата и денешните политички и безбедносни предизвици.

“Со долгогодишното непочитување и прекршување на договорените принципи и заложби на Организацијата, е силно нарушена нивната кохезивна сила и се подриени принципите на ОБСЕ како темел на европската безбедносна архитектура. Ваквите тенденции доживеаја врв со агресијата на Руската Федерација врз Украина.” – истакна Османи.

Во продолжение, тој се осврна и на визијата на нашето претседавање во 2023 година.

“Велат, ОБСЕ е на крстопат. Верувам дека вистинската насока напред е да овозможиме ОБСЕ да може да функционира врз основа на својот полн капацитет и подготвеност да испорачува, во корист и подршка на граѓаните во ОБСЕ регионот. Организацијата да продолжи да и служи на целта за нејзино воспоставување, нудејќи релевантни вредности и принципи како темел на европската кооперативна безбедност, и платформа за дијалог како алатка за превенција и разрешување на конфликти” – посочи Османи.