Ковачевски: Еднакви можности и инклузија на лицата со попреченост е приоритет на оваа Влада

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски се обрати на настан по повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На настанот се промовираше нацрт-стратегијата за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година кој се изработи во организација на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лица со попреченост и Министерството за труд и социјална политика, а со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

На настанот покрај премиерот Ковачевски се обратија и Јована Тренчевска, министерка за труд и социјална политика, Беким Сали, министер за здравство, Росана Дуџак, координатор на ОН во Северна Македонија, Давид Оберхубер, директор на ГИЗ, Спасе Додевски, претседавач со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лица со попреченост и Чедомир Трајковски, претседател на НСИОМ.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:

„Денес сакам да упатам голема честитка за Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Ви благодарам што сте денес тука и што ќе имаме прилика заедно да дискутираме на многу важни теми.

Драго ми е што денешното обележување го посветуваме на промоција на визијата и приоритетите на новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост од идната 2023 до 2030 година.

Кога инвестираме во стратегии и политики на повеќе нивоа ја докажуваме нашата борба против стигмата, против дискриминацијата и сме потсетник и инспирација за секој поединец дека лицата со попреченост ги имаат сите права како секој граѓанин и секое дете, како секој млад човек на оваа држава.

Оваа Влада уште од самиот почеток се залага на преземање конкретни мерки, како би се зголемила и подобрила интеграцијата на лицата со попреченост во сите аспекти на општеството-политички, социјален, економски, културен живот.

Во мое име и во име на Владата сакам да изразам голема благодарност за искажаната подготвеност на Германското друштво за меѓународна соработка и на тимот на Агенциите на Обединетите Нации за поддршката на овој исклучително значаен системски процес за изработка на овој документ со кој се унапредуваат на правата на лицата со попреченост во Северна Македонија, преку широка соработка со организациите на лица со попреченост и државните надлежни институции.

Во оваа прилика сакам да упатам јасен повик до сите министри во Владата, активно да се вклучат во понатамошната разработка на Стратегијата, односно во креирањето на акцискиот план. Воедно, повикувам активностите кои ќе произлезат оттаму, да бидат ставени високо на агендата со што ќе се осигура нивна динамична имплементација.

Ако имате само стратегија без нејзина имплементација, тогаш тоа нема да даде резултати.

Јас прво како човек, а потоа и како прв човек на Владата се залагам за еднаквост и недискриминација, за образование, пристап до социјални и здравствени услуги, за вработување, самостојно живеење, пристап до правда, политичко учество. И од овие принципи не отстапувам.

Затоа за идната година, се договорив со МОН во 100 училишта во државата да бидат изградени пристапни рампи за лица со попреченост. Криза е криза, меѓутоа такви финансиски средства, МОН сметам дека може да најде и тоа да се направи.

Лицата со попреченост, мора да бидат вклучени во одлуките што влијаат врз нив. Препораките на ОН јасно повикуваат на конструктивен дијалог со репрезентативните организации. Затоа како Влада досега повеќе пати сме покажале дека здруженијата на граѓани, невладиниот сектор се наши партнери во креирањето политики, стратегии и во носењето одлуки. А кај мене лично Теодор ќе биде лице кое директно ќе учествува во носењето на одлуките.

Изминативе неколку години се навистина полни предизвици. Пандемијата, економската и енергетската криза, сето тоа придонесе комплетно да ни се измени животот и функционирањето. Сите ние, без разлика кои сме и што сме и од каде доаѓаме, сите ние ги почувствувавме последиците. Но лицата со попреченост и нивните семејства беа особено погодени.

Затоа посебно се залагав тие да не бидат изоставени од антикризните мерки. Затоа и во пакетот антикризни мерки дадовме финансиска поддршка на социјално ранливите категории граѓани каде лицата кои го користат правото за попреченост, понатаму родителите на децата со попреченост до 26 години, но и лицата со попреченост кои користат право за помош и нега од друго лице добиваат финансиска поддршка од по 3.000 денари.

Финансиска поддршка никогаш не е доволна во време на криза но, јас кажав дека никој нема да биде оставен сам во оваа криза и низ овие антикризни мерки токму тоа го потврдуваме, бидејќи сите антикризни мерки, финансиска помош од последниот пакет на мерки се насочени токму кон најранливите категории на граѓани. Ќе повторам уште еднаш, посебно до оние кои што се најранливи дека никој нема да биде оставен сам во оваа криза.

Направивме и законски измени за децата со инвалидитет, како и за нивните семејства. За мене како човек секое дете има право да ги ужива сите услови на добар и квалитетен живот. Затоа и ја зголемивме висината на посебниот додаток, за децата со попреченост до 26 годишна возраст.

Ја проширивме и категоријата за користење на услугата лична асистенција и за лицата со комбинирана попреченост.

Министерството за труд и социјална политика во рок само од 4 месеци годинава, отвори три мали групни домови за поддржано живеење на лица со попреченост.

Предучилишното образование е исклучително важно за раниот детски развој и овозможува полесна интеграција во општеството за сите деца, а особено за децата кои живеат со попреченост. Со таа цел МТСП издаде осум решенија за нови градинки, еден дневен центар, а во тек е изградба на 12 градинки и еден дневен центар.

Вклучувањето во образовниот процес и обезбедувањето еднакви услови за сите деца е еден од нашите приоритети како Влада и затоа за учебната 2022-2023 година обезбедивме средства за вработување на 725 образовни асистенти во наставата кои се поддршка на наставниците и учениците со попреченост.

Дополнително направивме и законски измени со кои возрасната граница за користење на услугата на личната асистенција ја намаливме од 18 години на 6 години, со што сакаме да го поддржиме вклучувањето на децата во редовниот образовен систем и во општеството во целина.

Вие веќе знаете, Владата донесе Уредба за правото на лицата со попреченост да бидат ослободени од партиципација за студирање и со оваа мерка, очекуваме зголемување на бројот на студенти на високо-образовните институции.

Би сакал да ја споменам и првата софтверска апликација-аудио читач на македонски и албански јазик, што беше промовирана пред една година, со која бесплатно им се овозможува на лицата со оштетен вид непречено да користат компјутери, интернет, мобилни телефони и други современи уреди.

Сето ова кое е направено е само мотивација да продолжиме понатаму со уште побрзо темпо.

Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите Нации, во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за здравство, а со поддршка на УНИЦЕФ, ја иницираа и ја имплементираат реформата за функционална проценка на деца и млади со попреченост, наспроти досегашните медицински категоризации. Со оваа реформа, децата и младите со попреченост на едно место ќе ги добијат информациите за правата кои им следуваат и ќе добијат препораки за истите.

Воедно во владина постапка се измените и дополнувањата на Законот за авторски и други сродни права со кој ќе се овозможи ратификација на Договорот од Маракеш со кој се олеснува пристапот до објавени дела за лицата со оштетен вид.

Почитувани присутни,

Северна Македонија, ние како Влада, изминативе години сме посветени на почитување на различностите, на обезбедување еднаквост и еднакви можности, на социјална правда и вклученост на сите засегнати чинители во носењето одлуки кои ги засегаат токму нив. Силно сме посветени на општествената кохезија.

Апсолутно се стремиме кон општество кое ги почитува сите свои граѓани, кое прави напори да одговори на потребите, и да ги вклучи во сите текови на општественото живеење. Затоа и еден од нашите приоритети е да обезбедиме еднакви можности и инклузија на лицата со попреченост во нашето општество.

Ќе повторам пак, јас често кажувам дека никој нема да биде оставен сам, и тоа навистина го мислам и така и работам. Ова не е време на изобилие во оваа криза, ова е време на солидарност кога треба да им се помага на тие на кои најмногу им треба помош. Оваа држава треба да е дом за сите, треба да обезбеди услови за сите. Лицата со попреченост се наши сограѓани и имаат право на еднакви можности за развој, имаат право да бидат вклучени во сите процеси. Затоа, денес, кога го одбележуваме овој Меѓународен ден на лицата со попреченост, ве уверувам дека оваа Влада и јас лично, ќе сториме сѐ што е во наша моќ за системски да ги решаваме проблемите и заедно со вас да обезбедиме подобар стандард, подобар живот, подобро утре за сите граѓани.

Денес во нашата држава една од најактуелните политички теми е потребата од носењето на уставни измени во Парламентот со цел продолжување на европскиот пат на државата. Тие уставни измени според преговарачката рамка предвидуваат вметнување во преамбулата на други граѓани, односно на граѓани кои се самоопределуваат различно од граѓаните кои се различно наведени во преамбулата на уставот. Тоа е сосема легитимно политичко прашање, но веќе видовте низ јавните дискусии дека има политички партии кои што сметаат дека во тие уставни измени треба да се вклучат и други прашања кои што за нив се есенцијални како политички актери, но не се дел од рамката и од она што е потребно за ние да го продолжиме европскиот пат на нашата држава, отворањето на кластерите и конечно, финално зачленување во ЕУ. Доколку тие партии останат на своите барања во однос на уставните измени да бидат вклучени и други прашања освен промената на преамбулата, јас досега го немам својот став кажано дали ќе барам други промени во уставот доколку некој инсистира да има и други. Ако другите останат на инсистирањето да бидат вклучени и други прашања, тогаш јас ќе излезам со став во којшто согласно со компаративни анализи на други устави, ќе предложам во нашиот устав да бидат вклучени и одредби кои се однесуваат исклучиво на лицата со попреченост. Со јасна визија, напорна работа има уште една работа која ја кажувам, а тоа е дека нема недостижна цел.“