Владини одлуки: На 6-ти февруари да започнат преговорите со стратешкиот партнер за инфраструктурниот Коридор 8; усвоена е информацијата за потребата од апликација за инвестициски грант за експресниот пат А2, како дел од Коридор 8;

Владата на Република Северна Македонија денеска ги одржа 124-та и 125-та седница, при што се донесени неколку заклучоци.

Владата, на предлог на Комитетот за преговори за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8, го задолжи преговачкиот тим за сите детали и услови на Договорот за градење за проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница Тетово – Гостивар - Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга - Ќафасан) и за Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп - Битола) во Република Северна Македонија, да ги започне преговорите со стратешкот партнер на 6-ти февруари 2023 година. За исходот од преговорите е заклучено преговачкиот тим да состави Извештај, што ќе го достави на разгледување и одобрување до Комитетот за преговори, во рок од 21 ден од денот на започнувањето на преговорите.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата во врска со потребата од поднесување на ВБИФ апликација, за инвестициски грант, за изградбата на Експресен пат А2, делница Крива Паланка – Длабочица – Страцин (Чатал), како дел од Коридор 8. Изградбата на експресниот пат А2, делница Крива Паланка – Длабочица – Страцин (Чатал) се имплементра со заем од Светска банка, односно со „Проектот за надградба и развој на патиштата“.

Владата донесе и одлука за распоредување на приходите од игри на среќа и од забавните игри во 2023 година, за финансирање на програмските активности на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, на здруженија за борба против семејно насилство и Црвениот крст на Република Северна Македонија.

Со оваа одлука се распоредуваат средства во износ од 69.000.000,00 денари од приходите од игри на среќа и забавни игри за 2023 година за финансирање на годишните програми на националните инвалидски организации, нивните здруженија и нивната асоцијација, за: финансирање на програмските активности на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија; финансирање на програмските активности на Национален сојуз на слепите на Република Северна Македонија; финансирање на програмските активности на Националниот  сојуз на глуви и наглуви на Република Северна Македонија; за финансирање на програмските активности на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија; финансирање на програмските активности на Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – Порака, во износ од 9.710.000,00 денари; финансирање на програмските активности на Националниот Сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија; финансирање на програмските активности на Националната федерација за спорт и рекреација на инвалиди на Македонија – Македонски параолимписки комитет; финансирање на програмските активности на Националниот Сојуз на инвалиди на трудот на Република Северна Македонија,

За финансирање на програмските активности на здруженија за борба против семејното насилство е определен износ од 4.000.000,00 денари, за: Здружение Кризен центар Надеж; Организација на жени на Град Скопје; Национален совет за родова рамноправност.

За финансирање на Годишната програма на Црвениот Крст на Република Северна Македонија е предвиден износ од 8.000.000,00 денари, како и средства за обезбедување на трошоци за проектни активности кои не се покриени од страна на донатори во висина од 6.000.000,00 денари и средства во висина од 2.000.000,00 денари за реализација на Проект за одмор и рекреација на деца од семејства со социјален ризик и деца корисници на посебен додаток за летен распуст 2023 година.

Одлуката ќе ја спроведе Министерството за труд и социјална политика, согласно месечен план за исплата на овие средства.