Промоција на 13 нови книги од медицинските науки во рамки на проектот за превод на 1000 стручни книги

Тринаесет нови наслови на книги од областа на медицинските науки беа промовирани денеска во рамки на проектот „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.

- Промовираме нови 13 наслови на книги од областа на медицинските науки заклучно со кои бројката на досега преведени, промовирани и веќе достапни книги од овој капитален проект изнесува 527. Се работи за литература која на секого ќе му помогне подобро да ги разбере феномените и предизвиците пред кои е исправена современата медицина,  рече премиерот Никола Груевски во обраќањето пред присутните на 31.промоција од овој проект. 

Тој посочи дека сите пациенти во светот имаат надеж и верба дека медицинските работници и научници наскоро ќе пронајдат нови и подобри методи на лекување и лекови за болестите. Токму затоа, рече Груевски, од големо значење е да се биде во постојан тренд со највисоките дострели на науката.

- Убеден сум дека таквата инвестиција еден ден на најубав можен начин ќе и се врати на нашата држава и Република Македонија ќе располага со врвни лекари и професионалци во својата област, додаде премиерот Груевски.

Министерот за образование и наука  Панче Кралев истакна дека оваа инвестиција, ако знаењето е предуслов за постигнување поголем квалитет, е уште еден сигурен влог во унапредувањето на квалитетот на здравствената заштита на граѓаните.

Изданијата, посочи Кралев, опфатени со овој проект, овозможуваат да се биде во тек со најновите теоретски и практични содржини достапни за студентската популација од развиените земји.

- Со ова на долг рок се подобрува квалитетот на високото образование и идниот професионален развој, усовршувањето и оспособувањето на студентите, професорите и научно-образовните работници. Тоа ќе ги покаже своите резултати во иднина-македонските граѓани да бидат конкурентни на своите колеги од земјите со висок образовен и економски стандард, додаде Кралев.

Деканот на Медицинскиот факултет-Скопје, Никола Јанкуловски рече дека овој проект ја збогатил нивната библиотека со 42 наслови од кои поголемиот дел се веќе имплементирани во образовниот процес на Факултетот.

- Делата кои ги промовираме денес ќе се применуваат како базична литература за некои предмети во студентските програми на Медицинскиот факултет и од денеска се достапни за студентите и на македонски и на албански јазик, додаде Јанкуловски.

На промоцијата присуствуваа и министерот за здравство Никола Тодоров, ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ Велимир Стојковски и медицински работници.