Груевски: Македонија ја заслужи поканата за членство, но НАТО нема одговор за ова

За неколку часа започнува самитот на НАТО во Чикаго. Зошто не заминавте?

- Затоа што Македонија нема да добие покана за прием, која и според меѓународното право, но и според сите нормални човечки морални норми и принципи и достигнувања ја заслужува. Од сите страни со месеци ни испраќаат информации кои ги добиваме сите во државниот врв и се во ист правец, дека на покана во НАТО не треба да очекуваме. 

А ако сепак добие покана, дали би оделе?

Да, со задоволство.

А кој ќе ја застапува Македонија на самитот?

- Присуство во Чикаго ќе има од наша страна и тоа многу високо. Повисоко отколку што според мене е нормално, во едни вакви околности, кога на некоја земја и се прави таква неправда, една таква непринципиелност и очигледна политика на двоен стандард, и згора на се, истовремено и се кажува дека треба да се чуствува виновна заради тоа, и да има разбирање кон оној кој ја прави неправдата и да глуми одговорност и достоинство. Пазете ве молам, а не говорат за нивната одговорност и достоинство? Затоа што ова веќе не е само проблем на Македонија, очигледно е проблем и на Алијансата и тоа многу поголем отколку само формален. Ова е суштински проблем, од политичка, морална и меѓународно правна природа, во смисла владеење на право, и НАТО нема одговор за ова. Оттука, не е ова прашање само на Македонија и Грција, туку веќе е прашање и на НАТО.

И кога говорам за тоа да се биде во Чикаго, свесно велам присуство, а не учество. Самитот е самит на земјите членки, ние сме само кандидат, кој кога им е потребен го користат, а кога нам НАТО ни треба, добиваме лекции по политика и по важност на принципот на солидарност и консензус, и тоа во смисла дека во политиката нема правда кога станува збор за односот на помоќниот кон помалку моќниот. Потоа ние треба да имаме чуство на вина дека тоа не сме го знаеле или разбирање дека така е тоа во политиката, нема правда или неправда има реалност или интереси. Ова е класично извитоперување на суштината и основната цел на политиката, според мене, а тоа е да се создава вредности, а не само и по секоја цена да се штитат материјални интереси.

И што уште? Дека неправдата требало да ни биде нормална работа во нашите морални вредности, а непочитувањето на меѓународното право од страна на помоќниот нешто што се нарекува политичка реалност. И дека треба да научиме да бидеме онеправдани бидејќи сме помали и помалку моќни. Наместо ние да сме лути, тие нам ни се лутат зошто воопшто се лутиме на неправда, која доаѓа од големите сили.

Сепак министерот за надворешни работи ќе биде во Чикаго?

- И министерот и претседателот, и амбасадорот во НАТО и куп луѓе со нив. Јас, лично, да бев на местото на Претседателот немаше да отидам, а не сум сигурен дали и министерот требаше да биде таму во услови на едно такво игнорирање од НАТО во овој изминат период. Можеби неговиот заменик ќе беше реално наше присуство наспроти очигледната незаинтересираност на најмоќните земји на НАТО кон Македонија, и очигледната нивна заинтересираност по секоја цена да и бидат на услуга на Грција, превземајќи товар, ако воопшто го чуствуваат како товар, на крајно непринципиелно и некоректно однесување кон земја за чие членство ја малтретираат со години, а секогаш ја канат кога им треба, дали тоа е во моменти кога им треба за логистичка база како што беше при интервенцијата во 1999 година кон Србија, или кога требаше да бидеме во Авганистан, во Ирак, и други настани каде им требаат сојузници, им треба нашата војска, нашето присуство, нашето знаме, нашата одлучност.

И замислете, сега еден банален пример за ова извитоперување за кое ви говорам. Не знам со кое лице, ни се обраќаат одредени претставници на некои водечки земји членки на НАТО, или пак со кое лице не оговараат по кулоарите дека сме пропуштиле некаква шанса со Папандреу, и слични дипломатски фрази, од кои, верувајте ми заради тоа што се крајно непринципиелни ми доаѓа мачнина кога ги слушам. Таква дволичност, таква политика на двојни стандарди, таква непринципиелност и оддалечување од вредностите за кои јавно се залагаат, одамна како преседан го немам забележано, како што е во случајот со Македонија, каде како капак на се, дојде и пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во недвосмислена наша корист. Знам дека некои политичари и дипломати не ги засега што непринципиелно делуваат, бидејќи сметаат дека се доволно силни за да го прават тоа и никој ништо да не им може, но има едно правило што секогаш кога некој во континуитет непринципиелно се однесува, со тек на време сите негови сојузни, пријатели и соработници ќе ја загубат довербата во него.

И кога го велам ова, не сакам да се сфати дека важи за сите, бидејќи во НАТО има многу земји, политичари и дипломати кои отворено, искрено и недвосмислено, па дури некои од нив и мошне јавно не поддржуваат и говорат искрено и принципиелно. Кога навистина има потреба и сме заслужиле знаат да не критикуваат, но секогаш се држат до принципите наспроти голиот интерес. И тука би сакал да им се заблагодарам од срце на сите наши искрени пријатели, кои не поддржуваат и се борат за нас наспроти сите предизвици. Знам дека оваа моја теза може да се извади од контекст, и некој да проба да манипулира со неа заради тесни интереси, но јас ова што го говорам го говорат чесно и со крената глава, затоа што се работи за мојата земја, за мојот народ, за нивната перспектива, и тука немам намера да премолчам никому.

Што Вие ќе правите во тој момент додека е самитот на НАТО?

- Овие неколку дена сум во Македонија, по враќањето од Кина каде имавме покрај посетата на Премиерот на Кина и петдневно презентирање во пет различни градови на можностите за правење инвестиции во Македонија пред приближно 500 компании. Се борам. За секој пријател, за секој инвеститор, за секој граѓанин, со целото срце, правам максимум за да обезбедам подобра и попросперитетна иднина за нашите граѓани и нивните поколенија.

Деновиве ќе работам на решавање на некои други проблеми на граѓаните за кои има барем најмала надеж дека барем делумно ќе успеам. Кон средината на следната недела во два дена ќе бидам во Торино, Милано и Рим, каде ќе имаме четири презентации пред различни групи инвеститори, и посета на Ватикан, со прием кај Папата и премиерот на Ватикан, во рамките на чествувањето на делото и ликот на светите просветители Св.Кирил и Методиј.

Знам дека во Чикаго нема никаква надеж да го сменам дневниот ред со моето присуство, затоа се посветувам на нешто каде има надеж, да се привлече некоја компанија во Македонија да отвори свој капацитет да вработи наши невработени граѓани.

Што се однесува до лобирање во НАТО, се што можевме направивме во претходните 7-8 месеци, заедно со министрите и претседателот, нема врата каде не тропнавме, нема адреса на која не се обративме, буквално сите земји членки ги посетивме, и совеста ни е чиста, направивме се што е во наша моќ, дадовме максимум.

Кој е според Вас главен виновник за ситуацијата во која се наоѓаме?

- Главниот виновник за нашето не влегување во НАТО има свое име, и се вика Грција. Недвосмислено, тоа е земја која во последните две децении со сите сили го кочи нашиот развој и напредок, вложува огромни ресурси во тоа, троши огромен политички кредит, и прашањето со нас го користи, пред се, во внатрешно-политички цели и популистичка пропаганда. Се со единствена цел, да се смени името на државата, името на нашиот народ, името на нашиот јазик, и севкупно нашиот идентитет. Додека го замајуваа народот во Грција со покажување на мускули кон нас, со загорчување на иднината на два милиони народ, кои се, пред се, луѓе, а потоа и соседи, еве на очиглед на цел свет гледаме што правеле зад сцената, и во каква ситуација ја донеле својата земја.

Но, сега се зборува дека има шанса да издејствуваме подобар заклучок на овој самит...?

- За мене само покана за членство може да биде добар или подобар заклучок како што велите Вие. Се друго е фрлање на прав во очи. И оттука сакам да обелоденам дека сите други шпекулации во однос на извесни формулации во заклучоците, или запирки, или битки за формулација се комплетно надвор од она што е реалност и резултат на овој самит. А тоа е Македонија нема да добие покана за членство. И тука нема нешто измеѓу, нема две запирки повеќе или помалку, има или нема покана. Се што не е покана за членство за мене е незаслужено и нефер.

Оттука, каков и да извлечеме поинаков заклучок во Чикаго не може да биде ни приближно замена за поканата. Заклучоците се дипломатска игра без граници. На крајот победува интересот и силата. Тоа е ситна утеха на големите сили кога ги обесправуваат помалите. Им даваат некаков заклучок како надеж, и како средство за контролирање на длабоката фрустрација предизвикана од неправдата. И ако мислам дека нема да сменат ништо од формулацијата во Букурешт, еве дури и да остане стариот заклучок од Букурешт, и да смислат нов, со какви и да е фрази, нема ништо да значи, барем додека една, или најмногу две до три земји членки на НАТО, оние најмоќните, не решат и одлучно не се спротистават на политиката на Грција карактеристична за 19-от век, и спротивна на се што говорат, прокламираат и декларираат најважните, најмоќните и клучни земји членки на НАТО. Затоа велам дека каков и да е заклучокот освен покана за членство нема со ништо реално да ја смени ситуацијата. Па потоа ние треба тука да се радуваме и со недели да го дебатираме заклучокот, и на крај да заклучиме дека Америка, Германија, Франција и други ни се големи пријатели, и да сме многу среќни, и уште да се чуствуваме должници за тоа.

Сметате дека не ни се?

- Не е ова прашање на пријателство и добри намери, за жал, ова е прашање на интерес и класична демонстрација на сила. За жал, во меѓународната политика во ова време се чини како да нема пријателства, или како тој збор да ја губи важноста, очигледно има само интереси.

Значи Вие овие земји не ги сметате за наши пријатели?

- Ако инсистирате на зборот пријатели ќе го прифатам и во тој дух ќе ви одговорам. Ги сметам за наши пријатели, но истовремено, истите се поголеми пријатели на Грција. Така било во изминатите 21 година, и затоа Грција 21 година успева да не малтретира до крајни граници, без да се соочи со сериозни последици. Да беше обратно, на пример, ако Грција не извршеше исполнување на одлука на Меѓународен суд кон Америка, Германија или Франција, ќе се соочеше со санкции на Советот за безбедност. Или пак, ако ние не извршевме одлука во корист на Грција, истото ќе ни се случеше. Па погледнете што се случува во ЕУ, таму просто ја молат Грција да не излезе од еврозоната.

Сметате дека меѓународното право се спроведува селективно?

- Апсолутно. Има многу конкретни примери за тоа, но нашиот е еден од најеклатантните. Јас длабоко верувам и сигурен сум дека и самиот Барак Обама длабоко во себе е свесен за неправдата која Грција ја прави кон нас, и сигурно се чуди на нејзината политика, но очигледно, во овој момент има други причини заради кои не може ова да го каже. Видете, и тој е човек од крв и месо, и тој има и свест, и емоции и разум. Многу луѓе и низ секојдневниот живот се однесуваат различно од она што го мислат во себе, заради некои други причини или интереси во дадениот момент.

Но, повеќе преставници на НАТО државите јасно кажаа дека за прием во НАТО потребен е консензус, и дека правилата на НАТО се дека секоја земја може да блокира прием на друга земја....

- Јас тоа би го уважил како аргумент доколку НАТО земјите го стават приемот на Македонија како точка на дневен ред  на НАТО самитот, и да ја извадат Грција на чистина, таа да мора втор пат, и тоа после пресудата во Хаг, да го прекраши меѓународното право и да не блокира со вето. Да употреби вето, или како што се вели во кулоарите, да употреби по вторпат врз нас политичка атомска бомба. Е тогаш,  НАТО нема да има ниту вина ниту неприципиелност. Но, тоа нема да се случи.

Но, знаете дека во НАТО владее принципот на солидарност?

- Никаде во актите на НАТО не пишува дека сите земји треба да се солидарни со една земја членка ако крши меѓународно право, ако нанесува неправда на друга земја. Тоа не е солидарност. Зборот солидарност се користи за други прашања. На пример, ако една земја е нападната од надвор, тогаш сите се вклучуваат во нејзината одбрана. И видете, не сакам сега сето ова да изгледа како јас да држам предавања на големите сили или да звучам патетично. Не. Јас сум должен пред својот народ да ја кажам вистината. И вистината е буквално ваква.

Добро, за кои интереси станува збор во случајот со Грција?

- Ги има многу, од гласања на дијаспора во друга држава, до финасирање на кампањи од грчки миљардери, огромни набавки на оружја, односите внатре во ЕУ каде секој секого може да блокира за се и сешто, или пак да подржи за се и сешто, листата е долга.

Тогаш, како ние треба да продолжиме?

- Ние ќе продолжиме да се однесуваме принципиелно, и многу поевропски одколку некои земји членки на ЕУ. Ние не само што нема да застанеме со реформите, кои пред се, се важни за нас самите и нашиот народ, туку ќе продолжиме и со активни разговори за барање решение, и се разбира во еден таков амбиент ќе ја чекаме нашата историска шанса. И ќе ја искористиме. Како што нашите предци ги работеле неуморно за остварување на своите идеали, непрекинато и трпеливо, и ги искористеле историските шанси, во 1944-та, или како што оваа генерација ја искористи историската шанса во 1991 година на 8-ми септември да создаде независна држава. Сепак, овие историски шанси немаше да бидат воопшто никакви шанси ако претходно македонските војводи, одреди, партизани, комити, селани, земјоделци, нивните воени и политички преставници не водеа континуирана битка за својот идеал.

Дали сеуште сте спремни за компромис за да се реши проблемот со името?

- Апсолутно. И ќе продолжам да работам на тоа со сите сили.

Домашните критичари ве обвинуваат дека не сте внимателен кон Грците и дека со поставувањето на некои споменици, имиња на патишта и аеродроми ги иритирате...

- На ваква неправда и штета што ни прави Грција, незнам дали некој може воопшто да го употреби зборот иритирање. Ако ние ги иритираме, тогаш кој збор јас да го употребам за она што тие ни го прават. Тоа е комплетно извртување на тезите. И незнам дали некој очекува да се смееме, да се радуваме и да ги поздравуваме нивните чекори? Воопшто не размислувам дали ги иритирам, се додека тие ни го прават ова што ни го прават. Нема поголемо иритирање од 20 годишно блокирање, кочење, негирање, омаловажување, правење огромни финасиски штети на народот и на оваа држава, па дури и тензии. Тоа всушност не е иритирање туку злочин врз еден народ и една држава. Се додека врз нас се прави овој злочин, нека не очекуваат ние да размислуваме дали нешто ќе ги нервира на дневна основа. Ова што Вие го наведовте како иритирање, е ништо во споредба со теророт од страна на Грција кон Македонија, пред очите на целиот демократски свет. Она што ние го бараме е само правда за да го добиеме тоа што сме го заслужиле. Ниту имаме некакви претензии, ниту нешто некому лошо посакуваме, сакаме само стабилност, напредок и членство во ЕУ и НАТО.

Каква е улогата на македонската опозиција при сето ова?

- Не сакам и немам намера да се препукувам со македонската опозиција. Ова прашање е преважно, се работи за стратешко прашање на македонската надворешна политика, кое значи не само просперитет, туку и стабилност и предвидливост на процесите важни за моите сограѓани, и тука нема што да се расправаме и да се обидуваме да добиеме некој ситен политички поен. Ги гледам обвинувањата на опозицијата, ги разбирам дека мора нешто да не критикуваат, но најважно е што и тие, посебно Црвенковски, длабоко во себе знаат каде лежи проблемот, и дека ние правиме максимум. Па кој Премиер не сака во негово време неговата држава да стане членка на ЕУ и НАТО и да застане рамо до рамо со најголемите сили. Нема таков, барем не кај нас. И затоа нивните обвинувања ги ставам во фиоката со наслов критика заради критика. Навистина нема никаква потреба да се расправаме со опозицијата на оваа тема, кога се е јасно. Тие цели 15 години се обидуваа да најдат решение за спорот со Грција и не успеаа, ни велеа дека времето работи за нас, обидувајќи се со тоа да ја тргат одговорноста од себе, па гледаме дека времето воопшто не работело за нас. Но сега имаме една реалност, и во една ваква реалност, наместо да ловиме вештерки, најдобро и најкорисно за граѓаните е ако ги збиеме нашите редови и продолжиме заеднички по патот на реформите. Оттука и кога некој прашува која е алтернативата на Македонија по Чикаго, одговорот е еден- реформи! Со цела сила, без застанување и колебање. На се друго историјата ќе му најде свое место.

Извор: „МИА“