Владата ќе ја субвенционира каматата за новата кредитна линија од ЕИБ наменета за мали и средни претпријатија

С О О П Ш Т Е Н И Е

 

Владата на Република Македонија на денешната седница донесе одлука за субвенционирање на каматата за новата кредитна линија која што е обезбедена од Европската инвестициона банка во износ од 50 милиони евра и е наменета за финансирање на мали и средни претпријатија и други приоритетни проекти.

Со оваа одлука субвенционираната камата за малите и средни претпријатија за оваа кредитна линија ќе изнесува 5,5%.

Примарна цел на оваа нова кредитна линија од ЕИБ е обезбедување на свеж капитал за поддршка на малите и средни претпријатија кој ќе биде насочен кон реализација на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност на стопанството и зголемен извоз.

Со одлуката за субвенционирање на каматата од страна на Владата трошокот за овие средства значително се намалува, со што се дава дополнителна поддршка на малите и средни претпријатија во обезбедувањето на поевтини средства за финансирање на нивните деловни активности.

Кредитната линија ќе ја пласира Македонската банка за поддршка на развојот преку деловните банки до крајните корисници. Најмалку 70% од оваа кредитната линија ќе биде наменета за финансирање на мали и средни претпријатија, додека под други приоритетни проекти, кои можат да се финансираат со најмногу 30% од средствата предвидени за оваа кредитна линија, се подразбира мали и средни инвестиции, кои ќе бидат преземени од крајните корисници во било која големина во областа заштита на животната средина, економијата базирана на знаење, енергија, инфраструктура (вклучувајќи го здравството и образованието), индустрија, туризам, трговија и други услужни дејности.

Финансиски средства кои ќе бидат наменети за субвенционирање на каматата за кредитната линија од ЕИБ наменета за финансирање на малите и средни претпријатија и други приоритетни проекти се обезбедени од Буџетот на Република Македонија.