Премиерот Груевски прими делегација на Светската кик бокс федерација

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со делегација на Светската кик бокс федерација предводена од нејзиниот претседател, г-дин Енио Фалсони.

Поводот за средбата беше претстојното Светско првенство во кик бокс кое што ќе се одржи во Република Македонија.

На средбата претседателот Груевски беше информиран од страна на г-дин Фалсони дека причината за одржување на ова светско првенство во Република Македонија е да му се оддаде почит на основачот на кик боксот во Македонија, Љупчо Неделковски.

Воедно, г-дин Фалсони го информираше претседателот Груевски дека на светското првенство ќе учествуваат 800 натпреварувачи од сите пет континенти, а во нивна придружба како дел од спортските делегации ќе има уште 500 лица, при што изрази благодарност за целокупната поддршка што ја добиле, како и задоволство од одличните услови кои што ги нуди спортскиот центар “Борис Трајковски” за одржување на ваква голема светска спортска манифестација.

Претседателот на Владата, г-дин Груевски му се заблагодари на г-дин Фалсони за тоа што ја избрале Република Македонија за земја каде што ќе се одржи ова светско првенство и воедно им посака успех на натпреварувачите.