Владата со нов пакет економско-социјални мерки, најавува 6 до 8 илјади вработувања и 110 милиони евра за компаниите

Почитувани,

Во изминатиот период Владата на Република Македонија има спроведено над 2000 проекти, мерки и активности чија единствена цел е реформа и модернизација на земјата, и задоволување на интересите и потребите на граѓаните. Нови патишта, аеродроми, медицинска опрема, лаборатории, визна либерализација, зголемени плати и пензии, намалени партиципации, нови автобуси и објекти, намалени или укинати даноци и придонеси, компјутер за секое дете, највисоки субвенции за земјоделците....Листата е долга, а секој проект е прецизиран во отчетите кои редовно ги правиме.

Покрај проектите кои се наведени во програмата, ние имаме преземено и проекти кои не се содржеле во програмата, но имале ефект за населението и за компаниите. Тие се одговор на состојби од опкружувањето со влијание во земјата, или пак се реализирал проект кој ја подобрил состојбата на целна група или пак населението, како што беа мерката за откуп на дворовите, легализација на дивоградбите, минимална плата, енергетска субвенција, олеснет увоз на автомобили итн...

Денес, Европа е соочена со должничка криза и рецесија. Иако, Република Македонија се справува релативно подобро од други земји кои се погодени од кризата, и нема зголемување на даноци, масовни отпуштања од работа, намалување на плати и пензии.... сепак овие состојби имаат влијание кон економскиот раст и развој, и го засегаат стандардот на граѓаните, и притискаат одредени делови на населението.

Водејќи се од нашиот одговорен пристап, да ги следиме движењата, и да интервенираме на состојби кои се предизвикани од надворешни фактори, Владата одлучи да преземе сет на мерки и проекти, кои имаат за задача да ја подобрат позицијата на населението, особено на оние најзасегнатите, кои имаат понизок стандард од просечниот.

Мерките имаат за цел низ системски пристап да ја подобрат позицијата и конкурентноста на населението или на компаниите, а во друг дел се со фокус кон социјално ранливите групи и имаат директно влијание врз подобрување на стандардот на таа општествена група, односно или семејствата да се ослободат од дел од трошоците преку додавање на определена субвенција, или пак да се зголеми стандардот преку интервенција на државата во задоволување на личните или пак семејните потреби на социјално ранливите групи, или пак да се овозможи вработувањето на лицата.

Mерките се дел од Новиот бран кој како стратешки пристап го промовираме, тие се внимателно одбрани и соодветно проектирани, и во услови кога имаме кратења на некои ставки од буџетот, ние одговорно изнајдовме буџетски средства за нивна реализација. Мерките, во склоп со она што претходно го реализираме во дадените области, даваат нов квалитет на целокупниот пристап. Тие се реални и остварливи, и не се плод на политички памфлетизам, или пак на нереална проекција, како што во минатото опозицијата предложи некои мерки, за кои се увиде дека не само што или не се остварливи, или пак опозицијата не ги остварила кога имала можност за тоа, туку и се виде дека во истите сфери каде што имаше предлози од опозицијата, Владата веќе презема неколку пати подобри, пообемни и поконкурентни и квалитетни мерки.

Денес, во период кога сите земји од ЕУ ги зголемија даноците, а 26 од 27 земји членки на Европската унија го имаат зголемено ДДВ-то за 3 до 6%, кога во Британија се отпуштаа од работа 490 000, а во Романија 125 000 лица, кога во над една третина од земјите членки на ЕУ е покачена старосната граница за пензионирање, или пак се замрзнати пензиите, а во Португалија на над 190 000 пензионери им се намалени пензиите за 5%, кога што во половина земји членки на ЕУ се намалени или пак замрзнати платите и се блокирани унапредувањата на повисоки позиции, кога во Чешка е намален е износот на социјална помош, детскиот додаток и додатокот за мајчинство, во Шпанија се укинати трансферите за новите мајки, и воведени нови давачки за образованието и здравството кои дотогаш биле бесплатни, кога во Италија се кратат 5 милијарди евра за здравството, и се намалуваат дотациите за образование, здравство и локална самоуправа...

Владата на Република Македонија, промовира 12 мерки. Првите 4 мерки се од областа на вработувањата и тоа:

1. Програма за вработување на 4000 лица, односно Програма за јавни работи и вработување на 2000 лица, со можност за вработување на уште 2000 лица преку општините.

Со Програмата за вршење јавни работни ќе се ангажираат 2000 невработени лица во општини кои имаат висока стапка на невработеност. Целна група се долгорочно евидентирани невработени лица, ниско квалификувани невработени лица и повозрасни невработени лица (над 55 години) кои ќе се ангажираат за вршење јавни работи за период не подолг од 6 месеци. Програмата ќе помогне овие лица да се  стекнат со практични знаења и вештини, со што ќе се зголеми можноста за нивно континуирано работно ангажирање и можноста за вработување, како и за намалување на сиромаштијата.

Во оваа насока, дополнителни 2000 лица ќе бидат ангажирани за вршење јавни работи, ангажман кој го финансирале општините во Македонија, опција за која начелно имаме договор со повеќето општини.

2. Два проекти за 1000 нови вработувања со кредитирање на фирмите, и тоа:

Проект: Кредит за дополнителни 550 вработувања во фирми кои се формирани со мерките за самовработување со кредит и грант, како и за микро и малите претпријатија кои имаат најмалку 2 вработени и егзистираат на пазарот најмалку 1 година, и

Проект: Самовработување на 450 лица со кредитирање преку формализирање на бизнисите

А) Со првиот проект за дополнителни 550 вработувања во 2012, секое ново вработување ќе биде кредитирано со средства во износ од 3.000 евра во период од 3 години, со грејс период од 1 година и 2 години период за отплата, со 1% камата на годишно ниво. Фирмите ќе може да вработат најмногу до 3 лица односно за истите ќе добијат 9.000 евра. Лицата ќе мора да бидат вработени најмалку 3 години, односно до враќањето на средствата. Мерката ќе се спроведува со Јавен повик за работодавачите и за невработените кои сакаат да бидат  вработени во овие компании. Правните лица треба да достават позитивен биланс од работењето на компанијата и да им се платени сите јавни давачки, а воедно ако се корисници на кредит за самовработување да го имаат целосно подмирено кредитот и да не го намалиле вкупниот број вработени за кои добиле кредит, како и во последните 6 месеци да не го намалиле вкупниот број на вработени. Самиот кредит правните лица ќе го гарантираат со хипотека 1:1 или рачна залога во сооднос 2:1.

Б) Со вториот проект предвидено е самовработување со кредитирање на 450 лица, преку 2 модела:

-  Со првиот модел ќе се обезбедат по 3.000 евра по лице за отворање фирма и формализирање на мал бизнис и бизнис од услужна дејност. Притоа ќе се кредитира вработување до 3 лица односно максимален кредит во износ од 9.000 евра. Средствата ќе се враќаат со 1% камата во период од 3 години, при што првата година е грејс период.

-  Со вториот модел ќе се финансираат фирми чија основна дејност е производство, при што за носителот на бизнисот ќе се обезбедат 5.000 евра и по 3.000 евра за секое вработување на невработено лице, максимум до 4 лица. Доколку невработеното лице е технолошки вишок ќе се издвојат дополнителни 1.000 евра. Средствата ќе се враќаат со 1% камата во период од 5 години, при што првата година е грејс период.

3. Програма за 1000 нови вработувања преку обука за познат работодавач

За оваа програмата ќе може да аплицираат околу 750 невработени лица и дополнителни 250 лица на возраст до 27 години на кои обуката ќе им биде прво вработување и ќе се смета како обука за практиканство.

Проектот има за цел на работодавачите кои имаат потреба од нови вработувања, да им помогне во обука на лицата кои ќе се вработат. Притоа Агенцијата за вработување, на невработените лица кои ќе бидат обучувани ќе им исплаќа месечен нето надоместок во висина од 4.400 денари, а на младите  лица на возраст до 27 години 4.000 денари во период од 3 месеци. Со обуката ќе се опфатат лица со образование и вештини блиски на потребите на работодавачот, при што работодавачот не може да користи средства за повеќе од една обука или подготовка за вработување на исто лице, за исто занимање за иста дејност. Работодавачот ќе има обврска да вработи најмалку 50% од вклучените лица во обуката и да не го намали бројот на вработените на неопределено време во рок од 1 година.

4. Програма за доделување на 850 хектари државно земјиште на плодоуживање на социјално необезбедени лица

Преку оваа програма ќе им се даде можност на социјално необезбедените лица корисници на социјална помош да аплицираат за добивање на државно земјоделско земјиште. Право на користење имаат лица способни за работа, кои се материјално необезбедени и кои не можат да обезбедат средства за егзистенција.

За оваа намена обезбедено е државно земјиште на површина од 850 ха во 24 региони во Македонија: Берово, Битола, Македонски Брод, Валандово, Гостивар, Гевгелија, Дебар, Делчево, Демир Хисар, Кочани, Кичево, Крушево, Кратово, Кавадарци, Струга, Струмица, Прилеп, Пробиштип, Радовиш, Ресен, Велес, Штип, Гази Баба и Чаир, а правиме анализи и за распределба на земјиште и во други општини. На земјиштето ќе може да се одгледуваат житни, фуражни, индустриски и градинарски култури.

За доделување на земјиштето ќе се објави јавен повик, а доделувањето ќе се врши преку бодување, при што предност ќе имаат лица кои: подолго време користат социјална помош, кои имаат поголем број на членови во семејството, кои во семејството имаат лица со инвалидитет, лица кои се самохрани родители во зависност од бројот на деца и лица кои во семејството згрижиле деца без родители.

Проценките се дека со оваа распределба на државно земјоделско земјиште, вработување или егзистенција и работен ангажман ќе може да обезбедат околу 1-1500 лица.

Со сите овие мерки Владата овозможува интервентно вработување и егзистенција на број од околу 6 до 8 000 лица доколку се земат и ангажирањата кои треба да ги направат општините, и подобрување на стандардот на 6 до 8 000 семејства.

Владата одлучи да преземе и пакет на дополнителни 8 мерки чија цел е да се обезбедат дополнителни средства за поддршка на компаниите и да се обезбедат средства за да помогне во задоволувањето на дел од потребите на семејствата кои спаѓаат во групата на социјално ранливи семејства, да се легализираат основни средства на земјоделците, да се помогне на транспортерите и да се намалат цените на културно уметничките претстави.

По поддршката на компаниите со првата кредитна линија за евтини кредити на кои е субвенционирана каматната стапка од 5,5% во вредност од 100 милиони евра, и втората линија од 50 милиони евра, следно е дека...

1. Владата ќе обезбеди нови 10, 7 милиони евра за финансирање на мали и средни фирми од преработувачката индустрија преку докапитализација на Македонската банка за подршка на развојот

Владата ќе обезбеди 660 милиони денари (10,7 мил.евра) за докапитализација на МБПР, со што ќе се зголеми потенцијалот на банката за финансирање на нови инвестиции. На тој начин ќе се подобри пристапот на фирмите до кредити и ќе се отвори можност за финансирање на развојни проекти во стопанството.

Средствата ќе бидат наменети за мали и средни претпријатија од областа на преработка на земјоделски производи и мали и средни фирми кои се занимаваат со откуп и извоз на земјоделски производи и нивни преработки. Средствата ќе бидат наменети за обртни и основни средства, при што условите за фирмите ќе бидат исклучително поволни: камата од 3%, рок на отплата 5 години со 1 година грејс период за основни средства; односно камата 3% и рок на отплата 18 месеци со 3 месеци грејс период за обртни средства.

Во насока на поддршка на фирмите потсетуваме дека Владата ќе ја обезбеди третата евтина кредитна линија за кои кредити ја субвенционира и каматата, линија во вредност од 100 милиони евра за мали и средни претпријатија од ЕИБ, и оваа процедура треба да заврши  до крајот на јуни 2012 година.

2. Проект: Летен/Зимски одмор за 3000 деца од социјално ранливи семејства

Преку овој проект 3.000 деца од социјално ранливи семејства ќе имаат можност да заминат на 7 дневен одмор во летниот или зимскиот период. На тој начин ќе се овозможи децата од социјално ранливите семејства да имаат можност за дружење и рекреација за време на летниот и зимски распуст. Предвидено е финансирање на полн пансион за период од 7 дена во туристичките капацитети низ Македонија. Дополнително мерката ќе влијае на поддршка и развој на туризмот.

3. Проект: Ваучери за компјутери за апсолвенти на државните универзитети кои се од семејства корисници на социјална помош или семејства чии заеднички примања на родителите не надминуваат 12 000 денари.

 Со овој проект на секој апсолвент ќе му се додели ваучер за компјутер во висина од 15.500 денари, односно 250 евра. Овие средства се доволни за купување на персонален компјутер кој на апсолвентите ќе им помогне во континуираното надградување на компјутерските вештини и користење на современи алатки и програми при финализирање и продолжување на високото образование, како и при вработувањето по завршување на студиите. Критериуми за доделување на ваучер е апсолвентот да студира на државен универзитет, да живее во семејство кое е корисник на социјална помош или чии приходи на двата родители се до 12.000 денари.

4. Зголемување за 100 денари на надоместокот за енергетска сиромаштија

Со оваа мерка надоместокот за енергетска сиромаштија ќе се зголеми од 600 на 700 денари месечно, односно за 17%. На тој начин, кај најранливите категории граѓани ќе се амортизира влијанието од зголемените цени на енергенсите.

Со оваа Програма се субвенционираат, односно се покриваат дел од трошоците за потрошена енергија за корисници на социјална парична помош и постојана парична помош.

5. Проект за легализација на нерегистрирани трактори и тракторски приколки

Со овој проект предвидено е да се изнајде решение за регистрација на тракторите кои физичките и правните лица ги имаат во владение или ги користат на територијата на Република Македонија и за кои немаат комплетна документација. Во однос на исполнувањето на техничките стандарди и обврската за плаќање на давачки ќе се применува истата постапка како и за другите возила согласно законот. Овој проект значително ќе придонесе кон подобрување на состојбата со огромниот број на нерегистрирани трактори и тракторски приколки, бидејќи анализите укажуваат дека најголема причина за нерегистрирањето е непостоењето на соодветни докази за сопственост и потекло на возилото. Зголемениот опфат на регистрирани возила/трактори ќе придонесе за подобра контрола и зголемување на безбедноста во сообраќајот.

  1. Проект: попуст во театрите, музеите, опера, филхармонија, балет

Со овој проект ќе се овозможи:

  • Бесплатна посета за лица од социјално ранливите семејства
  • Попуст од 50% за млади лица на возраст до 27 години 
  • Попуст од 50% за пензионери

Целта на овој проект е да се направи подостапен пристапот до културните содржини што ги нудат културните институции во Македонија за социјално ранливите категории на граѓани, младите лица и пензионерите.

  1. Владата одучи да преземе мерки и активности за да се овозможи легализација на објекти за земјоделска намена, кои се бесправно изградени на земјоделско земјиште, со што ќе се исполни едно големо барање на земјоделците и ќе се реши еден голем децениски проблем кој ги оптоваруваше земјоделците. Со тоа, овие земјоделци ќе можат меѓу другото да аплицираат за ИПАРД средства, односно да користат средства од европските фондови, и да обезбедат дополнителни средства и можности за развој на својата дејност.

8.Владата одлучи да го продолжи рокот за увоз на автобуси со ЕУР 2 за дополнителни шест месеци, од август 2012 до февруари 2013. Со оваа мерка ќе се овозможи продолжена можност за обвновување на возниот парк на транспортерите, односно обновување на основните средства со кои вршат дејност транспортерите.

Почитувани,

Владата ќе продолжи со спроведување на економско социјалната политика. Секогаш кога ќе изнајде за потреба, и кога условите тоа ќе го наметнат, Владата ќе излезе со нов сет на мерки кои се адаптирани на тековните состојби, кои се реални и соодветно проектирани, и кои ќе бидат од функција на граѓаните и компаниите.     Тоа е она што не разликува од досегашните политички гарнитури, и ние ќе продолжиме да се однесуваме одговорно и посветено за народот.

 

Благодарам.