Павел Шатев: Премиерот Груевски со најголема доверба кај граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ и понатаму е партија со највисок рејтинг, а нејзиниот лидер и актуелен претседател на Владата Никола Груевски е политичар на кого граѓаните најмногу му веруваат, покажува најновата телефонска анкета на Институтот „Павел Шатев“.

На прашањето доколку утре има парламентарни избори за која партија би гласале, најголем дел од анкетираните, односно 23,3 проценти одговориле за ВМРО-ДПМНЕ, 13,7 проценти за СДСМ, 7 за ДУИ, 4,3 за ДПА, 1,8 за НДП, 0,9 за ЛДП и 0,6 проценти за ВМРО-Народна. Од вкупно анкетираните, 28 проценти не знаат за кого би гласале, а 17,9 отсто нема да гласаат.

На премиерот Никола Груевски му веруваат 24,8 проценти од анкетираните, на Бранко Црвенковски 7,4 проценти, на Али Ахмети 6,9 проценти, на Мендух Тачи 4 проценти, Руфи Османи 1,8 проценти и на Радмила Шекеринска 1,8 проценти. Најголем број од испитаниците, односно 29,3 проценти не му веруваат на ниеден политичар, а 17,7 проценти дале одговор дека не знаат на кој политичар најмногу му веруваат.

На следните локални избори, според анкетираните би победила ВМРО-ДПМНЕ за која се изјасниле 30,5 проценти, по што следуваат СДСМ со 9,2 проценти, ДУИ со 6,2 проценти, ДПА со 3,4 проценти и НДП со 1,2 проценти. Скоро 45 проценти од анкетираните одговориле дека не знаат која партија би победила на следните локални избори.

Најголем дел од анкетираните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ има подобар кадар и програма и оти актуелната Влада е реформска. На прашањето дали опозицијата би била поуспешна во справувањето со економската криза, 60,4 проценти дале негативен одговор, а 68,8 проценти не би поддржале митинг на опозицијата за предвремени избори.

Телефонската анкета беше спроведена во периодот од 30 мај до 1 јуни на 1.500 испитаници.