Русите можат да инвестираат во повеќе области

  • Како ги оценувате билатералните односи меѓу Република Македонија и Руската федерација? Во каква насока сметате дека би требало да се развиваат односите меѓу двете земји?

Република Македонија и Руската федерација имаат традиционални пријателски врски коишто бележат тренд на постојано унапредување. Ние би сакале тие да добијат нов квалитет и уште поголема динамика и значење. Со Русија имаме добра соработка во повеќе области, кои се поткрепени и со повеќе меѓусебни договори што досега се потпишани и тоа во различни области од меѓуресорската соработка. Што значи дека има соодветна и потребна правна рамка и веќе изградена основа за уште поголем развој и динамизирање на односите во сите полиња од заемен интерес. Имаме соработка во областа на транспортот, во културата, каде што имаме манифестација отворени денови на македонската култура во Москва, а руски уметници работат и на македонски проекти, во образованието постои соработка меѓу универзитетите од двете земји, во спортот каде што многу играчи, тренери и спортски работници од Русија кои оставиле траен белег во македонскиот спорт. Она што следно треба да го направиме е овие одлични политички и општествени односи на соработка да ги развиваме уште повеќе и на економски план, каде што имаме соработка, но јас сум цврсто убеден дека може уште повеќе да ја унапредиме и интензивираме. Верувам дека постојат многу можности и потенцијали односите меѓу двете земји во иднина да продолжат да се продлабочуваат во сите сектори. Русија е една од првите земји коишто ја признаа Република Македонија под уставно име, ние сме благодарни за тоа, високо го цениме, и тоа имаше големо значење за нашиот државен развој, како и за развојот на меѓусебните односи.

  • Познато е дека во јуни 2012 година во Санкт Петербург ќе се одржи економски самит. Дали е предвидено Вашето учество на овој собир? Во врска со ова, дали очекувате подобрување на соработката во економската сфера меѓу двете земји?

Да, следната недела ќе престојувам во посета на Руската федерација, каде што јас и поголема владина делегација во четири дена ќе присуствуваме и ќе се обратиме на бизнис-форуми во четири градови, Москва, Владимир, Нижњиј Новогород и Санкт Петерсбург. Оваа посета на Русија ќе претставува одлична можност да ги претставиме економските и инвестициските потенцијали на македонската економија пред руските стопанственици и учесниците на овие форуми. Верувам дека настаните ќе бидат искористени и за остварување директни средби со руски компании на кои ќе разговараме за можностите за конкретни инвестиции во Македонија. Сметаме дека постојат огромни потенцијали за продлабочување на економската соработка меѓу Македонија и Русија, како на меѓудржавно ниво кое е доста значајно и по обем и по квалификации, така и во доменот на приватните инвестиции кои се особено битни и за нашиот развој и за оплодувањето на капиталот на рускиот приватен сектор. Она што можам да го истакнам е дека оние инвеститори кои имаат намера или, пак, ќе се одлучат да реализираат бизнис во Македонија ќе наидат на пријателски ориентирана влада која има разбирање за нивните потреби и која ќе биде значаен партнер во создавањето атмосфера за квалитетно водење бизнис. Тие ќе се најдат во стабилно и предвидливо опкружување, со стабилен банкарски систем, со низок јавен долг, кој е четврт најмал во Европа, а проекциите за раст на сите релевантни фактори говорат дека Македонија ќе има највисок процент на раст од сите земји во регионот. Тоа се добри услови и треба да се искористат.

  • Што прави македонската влада за привлекување на странските инвеститори, во таа смисла и на инвеститорите од Русија?

Република Македонија го привлече вниманието на светската инвеститорска заедница со нејзиниот брз и сигурен поход кон првите позиции на најреформски ориентирани земји, во последните пет години, од кои во минатата година бевме рангирани на третото место. Според угледниот Doing Business, во последните пет години се наоѓаме меѓу најголемите реформатори во светот, а по извештајот на Светската банка за 2012 година Македонија сега се наоѓа на 22-та позиција во светски рамки, меѓу 183 земји, и е највисоко рангирана во однос на која било транзициска економија од Југоисточна Европа и пред 19 земји-членки на ЕУ, а пред шест години бевме на 96 место на вкупната листа. Имаме значаен напредок и на листата на Индексот за условите за водење бизнис на Forbes и Индексот на економски слободи на Wall Street Journal & Heritage Foundation. Овој резултат не е случаен, тој се должи на многу работа и постојани реформи. Во изминатите шест години спроведовме серија реформи за унапредување на деловната клима во Македонија. Ние ги препознавме главните бариери за водење бизнис и пристапивме кон намалување на даночното оптоварување и темелни административни и регулаторни реформи. Воведовме единствена стапка од само 10% на персоналниот данок на доход и данокот на добивка. Ја ослободивме од оданочување задржаната добивка, која доколку фирмите не ја распределат како дивидента тогаш за неа не треба да плаќаат данок, и тоа право може да го користат во неограничен број години и во неограничен износ. Етапно ги намалуваме социјалните придонеси за една третина. Во насока на намалување на административниот и регулаторниот товар за водење бизнис, во неколку фази беше спроведен и проектот регулаторна гилотина, со кој се поедноставија дел од прописите и се укинаа несуштинските обврски за бизнисите. Воведовме едношалтерски систем во царината и даночната администрација, донесовме мерки во делот со управување со градежно земјиште, со што е поедноставена постапката за градење, намалени се комуналиите, воведовме субвенции за тур-операторите, како и други реформи кои многу позитивно влијаат на бизнис-климата во Република Македонија. Врз основа на подобрената бизнис-клима и активностите за промоција на Република Македонија како атрактивна бизнис-дестинација, успеавме да привлечеме познати странски компании во технолошко-индустриската развојна зона во Скопје. Меѓу компаниите коишто се присутни таму е и руската компанија Протек груп. Воедно, отвораме уште три технолошко-индустриски развојни зони од кои едната во Штип, во источниот дел од земјата, потоа во Тетово, во северозападниот дел до земјата, како и уште една во близина на главниот град Скопје. Во овие зони нудиме низа поволности, како што е ослободување од данок на добивка и данокот на доход во првите 10 години, потоа даночно ослободување на реинвестираната добивка и ослободување од административни такси, а во зависност од висината на инвестицијата, македонската влада дава субвенција за уредување на земјиштето, кое се дава под закуп под поволни услови за период до 99 години. Воедно во овие зони владата обезбедува и инфраструктурни погодности, како што е бесплатно приклучување до гас, електрична енергија и комунално поврзување.

Од аспект на пристапот до потрошувачи, она што е значајно за инвеститорите е дека преку потпишување договори за слободна трговија со Европската унија, земјите-членки на ЕФТА, ЦЕФТА, како и билатералните договори со Турција и Украина, успеавме да го надминеме проблемот на мал пазар и сега оние кои инвестираат во Република Македонија, а јас се надевам дека ќе има што повеќе и руски компании, практично имаат пристап до пазар со повеќе од 660 милиони потрошувачи. Практично, освен со Русија имаме договори за слободна трговија со сите држави на континентот Европа.Верувам дека сите овие аргументи ќе предизвикаат интерес кај руските инвеститори да ја разгледаат Македонија како следна дестинација за проширување на својот бизнис.

  • Кои сфери на македонската економија сметате дека би можеле да бидат најпривлечни за странскиот капитал?

Има повеќе области кои-што се интересни за странските компании. Она што е карактеристика за изминатиот период е присуството на познати брендови, едни од најголемите светски компании од автомобилската индустрија како што се Џонсон Мети од САД, Џонсон контролс од Велика Британија, Кромберт и Шуберт и Дрекселмејер од Германија, Мадерсон од Индија, Текнохозе од Италија, како и други компании како Кемет електроникс од САД, Еинфлоу од Швајцарија и други коишто дојдоа во Македонија. Но, тоа е само еден сегмент. Македонија располага со природни потенцијали во доменот на земјоделството и производството на храна, верувам дека согласно со искуството руските граѓани се запознаени со квалитетот на нашите земјоделски производи и на нашето македонско вино. Потоа наоѓалишта на минерални суровини, каде што Русија има големо искуство и квалитет во светски рамки, може да биде предмет на интерес. Се разбира тука се и можностите за инвестиции во енергетиката и патната инфраструктура. За нас е значајно доколку би можеле да оствариме поконкретна соработка со Русија во енергетиката, знаеме што значи Русија во енергетиката, во технологијата и во кадарот кој е оспособен за вакви области. Тука многу би значела проширена соработка, имајќи предвид дека веќе нашите две земји постигнаа начелен договор со кој би се регулирал клириншкиот долг кој Руската федерација го има кон нас уште од времето кога бевме член на поранешна Југославија, што значи дека тоа порамнување би можело да се ефектуира преку изградба на гасовод на приоритетниот магистрален правец Клечовце - Штип - Неготино - ТЕЦ Неготино - Кавадарци, кој е главна гасоводна артерија во нашата земја. За оваа тема, за време на посетата ќе биде потпишан и меморандум за соработка меѓу нашата гасоводна компанија и руски Стројтрансгас, кој дава можност за продлабочување на соработката и напредок во процесите. Инвестираме многу во образованието, даваме 6% од БДП за инвестиции во образование, особено во продуцирањето нови кадри во сферите на техничките науки и информатичко-комуникациските технологии, даваме бесплатни учебници, отворивме факултети речиси во секој град. Тоа се области каде што постојано има интерес за инвестиции и за нас е многу значајно да се создава соодветна работна сила која ќе одговори на потребите на инвеститорите. Една од стратешките области како што напоменав претходно е и производството на вино коешто е веќе присутно на рускиот пазар, а се разбира тука е и туризмот како значајна гранка на македонската економија.

  • Какви чекори сте подготвени да преземете за привлекување на туристите од Русија? Може ли да се очекува директна чартер-врска Скопје – Москва во блиска иднина?

Веќе трета година по ред носиме одлука со која се укинуваат туристичките визи за руските државјани за период од 6 месеци, а оваа година донесовме одлука еднострано да ги укинеме визите за руските граѓани за период од 1 година. Покрај она што претставува редовна туристичка понуда, сметаме дека ова е дополнителен чекор за привлекување на руските туристи во Македонија. Нашата земја располага со големо културно и природно наследство коешто е интересно за руските туристи и ние работиме тоа да стане подостапно за нив. Со Руската федерација ги имаме потпишано сите спогодби од сферата на авиосообраќајот и нашите претставници работат на изнаоѓање руски партнери со кои би се воспоставила и директна чартер-линија. Покрај природните убавини, езерата, планините, одличната храна и вино, во Македонија има и бројни археолошки наоѓалишта од различни периоди на историјата, како и едни од најстарите православни манастири кои вреди да се посетат.

Извор: неделен весник „Капитал“