Груевски на Генерално собрание на ОН: Ние знаеме кои сме


Ние знаеме кои сме и како ќе живееме. Ние сме Македонци, зборуваме македонски, а нашата држава се вика Република Македонија, истакна премиерот Никола Груевски во денешниот говор на 66. сесија на Генералното собрание на Обединетите Нации.


Премиерот подвлече дека „ние не сакаме да сме во позиција нашето име и идентитет да бидат оспорувани од една земја и секако дека ние самите тоа го немаме побарано“. Но, според него, реалноста е често пати ладна, тешка и брутална. Факт е дека нашиот јужен сосед се противи како за нашето име, така и за нашиот идентитет. И, нивното противење стана наш проблем и дојде до спор кој е уникатен во светот, спор наметнат заради потребата на една земја, нашиот сосед, да има монопол на две имиња, или од друга страна нивната стратешка определба ние да не сме онака како што се чувствуваме.


 - Замислете во каква виртуелна ситуација се наоѓаат моите граѓани, уценети, со блокиран развој и перспектива, заради блокадите од страна на нашиот сосед за влез во евроатланските институции, само заради тоа што сме, односно заради тоа што се чувствуваме. Ве молам само за момент обидете се да бидете во нашата улога, обидете се да размислите како би се чувствувале кога некој би побарал од вас да не бидете Германци, Британци, Американци, Руси, Кинези, Нигеријци, Аргентинци, итн. Само тоа го барам од вас, само за тоа ве замолувам. За поддршка да се заврши ова, за поддршка да бидеме она што сме, без да повредиме некого, без да наштетиме било кому, со разбирање, толеранција и почит кон сите наши соседи, пријатели, кон сите вас, со почит кон нашиот сосед со кого го имаме овој спор и разбирање за неговите стравови, ние немаме никакви претензии, или намери да го монополизираме терминот Македонија, рече премиерот Груевски.


Тој потсети дека за среќа, 131. земја од светот избраа да не признаат под името со кое самите се нарекуваме - Република Македонија, и се заблагодари за тоа, се заблагодари за принципиелноста и доследноста во вредностите за заштита на правата и принципите токму воспоставени од ОН.


 - За жал, правилата во светот се така уредени што не можеме да бидеме наречени онака како што самите се нарекуваме токму во ова тело - Обединетите Нации - ниту пак, можеме да се приклучиме кон организациите за зачленувањето за кои работевме напорно и, во случајот на НАТО и ЕУ, го заслуживме правото да станеме дел од овие организации. И искрено, ова е погрешно. Не постои друг збор за тоа. Она што ќе решите да го сторите во врска со тоа-вашето однесување- целосно зависи од вас, наласи Груевски.


 Премиерот рече дека постојат многу зборови со кои би можел да ја опише својата земја и оти секој на свој начин би одговарал совршено.


- Но јас за почеток избирам еден и длабоко верувам дека тој збор го опишува битот на мојата земја и моите луѓе, и ги објаснува сите постапки и сили кои ги собравме да ги надминеме предизвиците низ нашата понова историја. Тој збор е добро објаснување за целата трпеливост што ја имавме кон секоја наметната блокада која ја преживеавме и преживуваме, од економска до институционална, едноставно заради сопствениот идентитет и себепрепознавање. Блокади не затоа што сме го сториле, туку едноставно заради тоа што сме и што  постоиме. Тој збор е: одговорност,  истакна Груевски.


Нагласувајќи дека Македонија постапува одговорно, премиерот потсети дека нашата држава е добиена низ не секогаш милозлива историја: „Таа почива на огромна жртва, многу животи и прекинати соништа“.


- Но, минатото не е единствената причина заради која постапуваме одговорно, ние Македонците, веруваме дека имаме европска иднина и дека можеме да оставиме многу повеќе на поколенијата кои доаѓаат. Токму заради тоа денес во Македонија се обидуваме да создадеме широк фронт на поддршка и обединување на сите сили и потенцијали околу храбрата идеја да станеме регионален лидер. Лидер во економски реформи, образование, инвестиции, технологии и иновации, заштита на средината, заштита на човековите права и слободи, во секој сегмент од модерното живеење. Знаејќи ја високата свест и одговорност на моите сограѓани и имајќи го како пример држењето на мојата земја во светската криза кога се задржа економската цврстина и се помина без големи турбуленции, повеќе од сигурен сум дека ова обединување ќе биде успешно, подвлече Груевски.


 Претседателот на македонската Влада во својот говор рече дека за Македонија мора да се спомне уште една голема карактеристика која се провлекува со илјадници години: „Како наследство од старо време, таа е чувар на космополитизмот, идеја што овозможува функционален мултикултурализам. Еден до друг, низ вековите, во мојата земја живеат различни култури, вери и нации. Ние се трудиме да инкорпорираме, без асимилација или претопување во доминантната култура. Ние се гордееме со различностите и ги сметаме за свое богатство“.


 - Ние, како и секоја друга нација во светот, имаме право на идентитет и обединување околу сопствен национален мит. Во нашиот мит има место за Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати, за сите кои ги прифаќаат вредностите кои ја величаат ненасилноста, правдата, соживотот и културниот натпревар. Шовинизмот никогаш не бил доминантен и препознатлив за нашите луѓе. Промените во Уставот од 1993 година и промената на знамето ја покажаа нашата повеќе од добра волја. Но, нашата одговорност и зрелост не би сакале да биде сфатена како слабост, или пак да биде предмет на континуирана злоупотреба од било кого, затоа што од друга страна не смееме да заборавиме на достоинството и гордоста, нагласи, меѓу другото, Груевски.