Потпишан договорот за реализација на најголемата германска гринфилд инвестиција во Македонија

Претставници на германската компанија Лиза Дрекслмајер ГмбХ и министерот задолжен за привлекување стански инвестиции Веле Самак денеска во Владата потпишаа договор за реализација на најголемата германска гринфилд инвестиција досега во Република Македонија.

Со Договорот се официјализира инвестицискиот проект вреден над 35 милиони евра што предвидува изградба на фабрика во Кавадарци за кабелски инсталации за автомобилската индустрија. Производството треба да стартува во првиот квартал следната година, а изградбата на фабриката ќе почне секој момент, веднаш по завршувањето на подготовките кои интензивно се спроведуват на терен.

Според деловниот план, во текот на првите пет години Дрекслмајер ќе инвестира над 17 милиони евра и ќе вработи 4.000 лица од регионот на Кавадарци, вклучувајќи ги Неготино, Градско и Велес. Локалниот партнер на компанијата од Македонија ќе инвестира во градење врвна фабрика од околу 52.000 метри квадратни, што ќе биде дадена на користење на ДДМ Дрекслмајер Мануфактуринг Македонија преку долгорочен лизинг.

- Ова е одговорот што Владата на Република Македонија го дава на прашањето како се справуваме со економската криза. Не можеме да ги надминеме ефектите и да ја корегираме економијата во Европа или она што нивните политички водачи го прават и не го прават, но можеме да носиме што поголем број странски инвестиции, да преговараме, да покажуваме професионалност, подготвеност и флексибилност за соработка, напомена вицепремиерот Владимир Пешевски.

Во време кога се затвораат фабрики, додаде, македонската Влада успеа да направи неколку работи со префикс „нај“ во нашата понова историја, најголема инвестиција во градежништвото и најголема инвестиција во однос на бројот работни места.

- Убеден сум дека одлуката на инвеститорите е правилна. Македонија е вистинската инвестициска дестинација и новиот играч на пазарот на инвестиции и во Европа и на светско ниво. Оние што умеат тоа да го увидат на време, сега, во овие тешки времиња, ќе имаат корист во следните години. Помошта, подготвеноста, флексибилноста и професионалноста од страната на Владата продолжува и ќе биде на уште повисоко ниво, на инвеститорите останува да се справат со комерцијалните ризици, истакна Пешевски.

Придобивките од една ваква инвестиција, оцени вицепрениерот, се големи, повеќе странски директни инвестиции, намалена невработеност и интензивиран извоз, до 130 милиони евра годишно кога фабриката ќе достигне полна фаза на производство.

- Го потврдуваме спротивното и покрај мислењата на опозицијата дека она што го прават нашите промотори не е доволно. Инвестиците, пак, што ги договараме со странските партнери не ги објавуваме додека самата компанија не го стори тоа, рече Пешевски.

Министерот задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак истакна дека првите контакти со претставниците на оваа компанија почнале во март 2007 година. Иако, рече, на почетокот добивме недвосмислен одговор дека тешко ќе дојде до ваква инвестиција, продолживме да работиме тоа да се промени.

- Почнувајќи од бизнис форумот во февруари 2011 година, па до сегашното потпишување имаше интензивна дискусија. Се вели дека среќата го прати подготвениот, па така и со нас. Последната година имаше низа посети, анализи, пресметки, имавме голема конкуренција и големи предизвици за да дојдеме до оваа инвестиција. На крајот на последното роуд шоу во Германија имаше директна средба на македонскиот премиер и сопственикот на компанијата на која тие кажаа колку и што за едниот и другиот значи ваквата инвестиција и што треба да се постигне за да се дојде до успех, рече Самак додавајќи дека поставените цели се исполнети, понудени се добри услови и инвестицијата е остварена.

Покрај понудените добри услови, неопходно било да се најде и силен локален партнер кој ќе изгради една таква модерна фабрика. - Покажуваме дека на ваков начин работиме за нова иднина во Македонија, дека индустријата си ја враќа моќта, особено извозната, а исто така за граѓаните на овој регион се отвара нова перспектива, рече Самак.

Поддршката и исполнетите услови што Владата и ги понудила на компанијата Дрекслмајер, биле една од причините за инвестирање во Македонија. За нас е важно, нагласи Карл Валнер, член на Одборот на директори, да работиме со добри и мотивирани соработници и во општина Кавадарци во производството и во развојот на оваа фабрика.

- Во Македонија ќе изградиме фабрика за производи за потребите на потрошувачите на Мерцедес бенз во различни фази. Дрекслмајер ќе произврдува кабелски инсталации за Ц класата на Дајмлер во Бремен. Тоа е на оддалеченост од околу 25 часови од Кавадарци и производите дневно ќе бидат пренесувани дотаму, рече Валнер и појасни дека првото претставништво во странство компанијата го отворила во 1973 година во Тунис. 

Дрекслмајер има претставништва во САД, Србија, Молдавија, Кина и сега во Македонија.

На потпишувањето на договорот присуствуваа и премиерот Никола Груевски и вицепремиерот Зоран Ставрески. Владата изрази благодарност за соработката на тимот од локалната самоуправа Кавадрци и градоначалникот Александар Панов.

Со овој инвестициски проект на Лиза Дрекслмајер ГмбХ, Македонија официјално влегува на листата земји добавувачи на врвниот автомобилски производител, германскиот гигант Дајмлер Груп.

Категорија: