Бесими-Вершбоу: Македонија останува посветена на заложбите за членство во НАТО

Република Македонија останува цврсто посветена на своите заложби за членство во евроатлантските структури и за непрекинат придонес кон меѓународните мировни мисии како начин за етаблирање на современите вредности, мирот, слободата и правата на човекот во глобални рамки.

Тоа, како што соопшти Министерството за одбрана, било констатирано на денешната средба на министерот за одбрана на Република Македонија Фатмир Бесими и заменик-генералниот секретар на НАТО Александер Вершбоу, кој е во еднодневна посета на Македонија.

- Ние работиме напорно кон достигнување на нашата цел – членство во НАТО-Aлијансата, а тоа може да се забележи преку континуираниот реформски процес во Армијата на Република Македонија и во Министерството за одбрана. Особено внимание посветуваме на концептот „паметна одбрана“ кој се огледува и во напорите за зголемена ефикасност во областа на одбраната преку уште поинтензивна регионална соработка, истакнал на средбата министерот Бесими, додавајќи притоа дека забрзувањето на процесот на интеграција на регионот во евроатлантските организации ќе биде начин за затворање на постојните предизвици и гарант за мирот и стабилноста во овој дел од Европа.

Во текот на презентацијата на капацитетите и идните планови на Министерството, министерот Бесими се осврнал и на прашањата поврзани со буџетот на одбраната и неговата тенденција во иднина, како и на долгорочните планови за 50-процентна распоредливост на силите согласно Долгорочниот план за развој. Во контекст на интеграцијата на Република Македонија во северноатлантската алијанса, акцент бил ставен и на консензусот помеѓу политичките партии во државата, како и на високата јавна поддршка за пристапување кон полноправно членство.

Заменик-генералниот секретар на НАТО, Вершбоу, како позитивен елемент го посочил фактот дека нема промена во дефинираната стратегиска агенда на државата, укажувајќи на тоа дека интеграцијата на регионот во евроатлантските структури е најадекватен начин за гарантирање на просперитетот во пошироки рамки.

- Планот за 50-процентна распоредливост на силите е воодушевувачки. Дополнително ние во целост го цениме регионалниот пристап, особено во контекст на иницијативата БРААД – балкански регионален пристап кон воздушна одбрана, истакнал заменик генералниот секретар Вершбоу кој очекува дека буџетските средства наменети за одбраната во иднина ќе бидат зголемени.

Покрај средбата со министерот за одбрана, заменикот на генералниот секретар на НАТО во рамките на својата посета ќе има средби и со премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и лидерот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети.