Премиерот Груевски оствари средба со заменик помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Рикер

Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска оствари средба со заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, одговорен за Јужна и Централна Европа, г-дин Филип Рикер.

На средбата стана збор за политички односи помеѓу двете земји кои се базирани на взаемна соработка, доверба и пријателство, а се потврдени и со Договорот за стратешко партнерство.

Двајцата соговорници разговара за реформите и за реализацијата на стратешките приоритети на новоизбраната Влада на Република Македонија кои што се насочени кон обезбедување на услови за остварување на европските и евроатлантските стандарди, овозможување на економски развој, спроведување на правото, слобода на медиумите, унапредувањето на меѓуетничките односи, просперитет, дополнителен напредок и модернизација на земјата.

Сепак, најголем дел од времето на средбата беше посветен на дијалог околу прашањето за името при што претседателот на Владата го информираше својот соговорник за активностите кои што се практикуваат со посветеност и одговорен пристап од страна на Република Македонија, а се насочени кон изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот за уставното име на Република Македонија кој што е наметнат од Република Грција.