Владата одобри Проект за изградба на отворениот канал во Арачиново

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Мухамед Хоџа

Почитувани,

Денешната прес-конференција ја свикав со цел да ве информирам околу предлогот на министерот за животна средина и просторно планирање, г-дин Абдилаќим Адеми кој беше одобрен од страна на Владата на Република Македонија, а се однесува на реализација на проектот за изградба на отворениот канал во населбата Арачиново.

Како што веќе знаете, изградбата на отворениот канал во Арачиново беше долгогодишно барање на жителите на ова населено место, а исто така, и на основното училиште кое се наоѓа во близина, бидејќи овој канал поради отпадните води претставуваше секојдневен ризик за учениците и жителите од заразување и пренесување на разни заразни болести и инфекции.

Овој проект е дел од Програмата на Владата и треба во текот на оваа година да почне со изградба и да биде завршен кон средината на наредната година.

Целиот проект чини 89 милиони денари или околу 1,5 милиони евра, кои средства се обезбедени од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, а воедно ова Министерство ја направи и подготовката на целосната документација која е потребна за реализација на овој проект.

Овој проект стана возможен откако заврши изградбата на канализационата мрежа во населба Сингелиќ - општина Газибаба, кој, исто така, беше проект на ова Министерство, а кој претставуваше главен загадувач со отпадни води на отворениот канал во Арачиново.

Реализација на овој капитален проект за Арачиново претставува директен придонес во подобрувањето и уредувањето на инфраструктурата, спречувањето на ширење на разни инфекции, заштитата на животната средина, како и во уредувањето на просторот пред основното училиште.

Ова е уште еден доказ дека Владата ја реализира својата програма и дека инвестициите се распределени каде што има потреба, низ целата територија на Македонија.

Тендерот за овој проект во вредност од 89 милиони денари ќе биде отворен овие денови. Според Законот за јавна набавка, ако се одвива според предвидената динамика, понудите ќе бидат отворени до крајот на месец август, додека потпишувањето на Договорот со најповолниот понудувач и почетокот на градежните работи може да се случи кон крајот на месец септември оваа година.