Седница на Владиниот Комитет за туризам

Владиниот Комитет за туризам на денешната седница ја разгледа Националната стратегија за развој на туризмот со посебен акцент на формирање работна група која ќе се концентрира на делот на формирање и создавање развојни туристички зони во три региони во Охридско-струшкиот, Преспанскиот и Дојранскиот.

Работната група, како што информира денеска министерот за економија Ваљон Сарачини, наредната недела треба да има состанок. Неа, како што рече. ќе ја сочинуваат претставници од министерствата за економија и за транспорт и врски и од Агенцијата за промоција и подршка на туризмот.

На Комитетот било разговарано во иднина да се реформира досегашната Агенција за промоција и подршка на туризмот во нова Национална туристичка агенција која ќе има за цел промоција на туризмот и едукација на туристичките работници

- Новата национална агенција на туризам ќе се состои од управен одбор во кој ќе членуваат членови од пет министрства, односно од министерствата за траснпорт и врски, за животна средина, за економија, за култура и за земјоделство, изјави Сарачини.

Според него, било разговарано и за можноста следната година повторно да бидат воведени субвенции за носење странски туристи, каде бил потенциран фактот дека годинава имало за 25 отсто зголемување на бројот на странски туристи.

- На Комитетот разговаравме и за податокот кој деновиве го добивме дека бројот на ново вработени само во делот на туризмот е пораснат за 40 проценти во однос на истиот период лани. Владата на РМ става посебно значење на развојот на туризмот, а тоа го покажа со последните информации дека девизниот прилив во државата пораснал за околу 19 отсто што од прилика значи околу 100 милиони долари прилив, нагласи министерот Сарачини.