Анкета: Граѓаните го поддржуваат моделот „Плаќање по учинок“ во здравството

Граѓаните го поддржуваат проектот на Министерството за здравство за плата на лекарите според сработеното, односно плаќање по учинок, посочуваат резулатите од анкетата што за ова Министерство ја спроведе Институтот за политички истражувања - Скопје (ИПИС) во периодот од 16 до 18 август годинава  врз репрезентативен примерок од 1.114 испитаници.

Позитивен или делумно позитивен одговор на прашањето какво мислење имаат за Проектот „Плаќање по учинок“  дале близу две третини или 63,6 отсто од анкетираните,  негативно или делумно негативно одговориле 25,3 отсто, додека „не знам“ одговориле 11,1 отсто од анкетираните лица.

Прашани дали сметаат дека сите лекари без разлика на обемот на работа треба да имаат иста плата, позитивно одговориле 26,9 отсто, негативен одговор дале 59,2 отсто, додека  одговор „не знам’“  имаат дадено 13,8 отсто од испитаниците.

Од анкетираните 56,2 отсто негативно одговориле на прашањето дали како граѓани би поддржале штрајк на лекарите против одлуката на Министерството за плаќање на нивната работа по учинок, позитивен одговор дале 29,4 отсто, а 14,4 отсто не знаат или немаат одговор на ова прашање.

На прашањето дали граѓаните генерално ги поддржуваат преземените активности на Министерството за реформата на јавното здравство во Македонија, позитивно се изјасниле 59,2 отсто од анкетираните, со негативен одговор се 29,4 отсто, додека немале одговор или не знаеле 11,3 отсто од анкетираните граѓани.

- Анкетата беше спроведена со цел да се добие подетална претстава за мислењето на граѓаните во однос на моделот „Плаќање по учинок“, односно за тоа каква е нивната перцепција за овој концепт, информира Министерството за здравство.