Македонско-американски проект за борба против криминалот

Прес-конференција на портпаролот на Владата на Република Македонија, г-дин Александар Ѓорѓиев

Почитувани,

Мерките и активностите за превенција и справување со криминалот се стратешка определба на Владата. Исто како и напорите за засилување на капацитетите на институциите за справување со предизвиците, усовршување на кадарот и техниките, и реформа и модернизирање на системот за реализација на целите за поголема ефикасност на правниот систем.

Сакаме да информираме дека Владата на Република Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави ќе започнат со спроведување на проект чија цел е да се зајакнат македонските капацитетите за спречување и справување со криминалот, а особено со организираниот криминал и корупцијата, и тоа преку проактивни пристапи во фазата на истрага и ефективно кривично гонење, лоцирање на одговорноста на сторителите и нивно казнување, како и за унапредување на јавната безбедност и доброто владеење.

Владата донесе одлука да биде потпишан и договор со САД, кој ги дефинира целите, начините и методологијата на остварување на заедничка соработка, и ги овласти Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда да го потпишат овој договор.

За остварување на овие цели ќе бидат преземени сите неопходни активности и ќе се обезбедат неопходните средства за реализација.

Со овој проект и соработка ќе бидат преземени повеќе активности, кои генерално се однесуваат во два правци: Иницијативата на постојаниот правен советник при Бирото на Стејт Департментот за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законот (БМБНСЗ) и Проект за градење на капацитетите за спроведување на законот. Планираното времетраење на овој проект изнесува две години.

Прво, Иницијативата на постојаниот правен советник ќе обезбеди поддршка на клучните институции од кривично-правниот систем во Република Македонија. Да се зајакнат капацитетите за борба против организираниот криминал и корупцијата, да се зголеми отчетноста и транспарентноста на судството и да се подобри администрирањето со правдата. Оваа Иницијатива ќе вклучува обуки, донации во опрема, техничка поддршка и стручна експертиза. Програмите ќе ги опфатат следните клучни области:

-Академијата за судии и јавни обвинители, во делот на развојот на интерактивна обука и обука за практични вештини (1) спогодување за вина, (2) директно / вкрстено испитување и (3) градење силни обвинителско-истражни вештини,  за потребите на јавните обвинители, судиите, адвокатите на одбраната и останатите чинители во рамките на кривично-правниот систем, за да се олесни спроведувањето во фазите  на истрага, претходните постапки и главните судски расправи.

-Министерството за правда, во насока на идентификување на областите каде се потребни законодавни иницијативи во однос на кривичното право и развивањето на ново законодавство.

-Јавното обвинителство, за гонење кривични дела на организиран криминал и корупција, со цел да се олесни имплементирањето на новата раководна улога на јавните обвинители во истрагите за тешки и комплексни кривични дела.

-Судството, со цел, да се обезбеди техничка помош за македонските судии, која вклучува и проект во рамки на кој избраните македонски судии ќе воспостават партнерства со судии од САД, а особено во врска со новата улога на неутрални арбитри, што судиите ќе ја добијат согласно новиот ЗКП.

-Првостепените кривични судови, со цел да постапуваат по кривичните предмети на поправичен и поефикасен начин, со употреба и на други механизми преку кои може да ги решаваат предметите пред и без да се одржува главниот судски процес, како на пример, преку процесот за спогодување за вина.

Второ, целта на Проектот за градење капацитети за спроведување на законот е да се модернизираат органите за спроведување на законите во Република Македонија преку подобрување на нивните капацитети за водење истраги и ефективно кривично гонење на сложените кривични дела и зајакнување на професионализмот во рамки на полициските служби.

Активностите за реализација на оваа цел се:

-Обезбедување менторство, обуки за развој на вештини, соодветни материјали и опрема за Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал (ЦОСК) при Министерството за внатрешни работи.

-Организирање серија развојни курсеви за обука на околу 200 обвинители, полициски службеници и кривични истражители, за основните и напредните истражни техники, со акцент на истрагите во кои водечка улога има обвинителот.

-Обезбедување стручна помош во спроведувањето на новиот систем на кариера според заслуги, за унапредување на професионалноста и отчетноста на полицијата, преку помош и поддршка на надлежни организациски единици за управување со човечки ресурси и Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР.

-Надградба на капацитетите на МВР, преку развивање База на податоци и разузнавачки информации во кривичната сфера и изготвување стандардни оперативни постапки за спроведување на истрагите.

За двете поглавја, покрај соработката, обуките, техничката помош и слично, ќе биде дефинирана и усогласена листа на предлози за новини или измени на законодавството.

Со овој проект кој се реализира во партнерство со САД, очекуваме да се засилат капацитетите на институциите, да се зголемат знаењата и вештините на кадарот во институциите, се со цел достигнување на нови стандарди кои се од интерес за ефикасно и ефективно работење и од интерес за граѓаните на Република Македонија. Ова ја покажува сериозната посветеност на Владата за унапредување на стандардите, а кредибилитетот на партнерот во оваа сфера е гаранција за успешност на целиот проект и квалитетно спроведување на законите.