Со 49 милиони евра од Дојче банка ќе се модернизираат два блока во РЕК Битола

Животниот век на најголемиот енергетски капацитет во Македонија РЕК Битола ќе се продолжи за 20-тина години со ревитализацијата и модернизацијата на блокот 2 и блокот 3 во ТЕ Битола што ќе се спроведе во нардните две години.

Тоа ќе го овозможи Договорoт за гаранција меѓу Република Македонија, претставувана од Министерството за финансии и Дојче банка и Договорот за заем меѓу АД ЕЛЕМ и Дојче Банка за проектот „Модернизација на блок 2 и блок 3 во ТЕ Битола“ што денеска во Скопје го потпишаа вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, генералниот директор на АД ЕЛЕМ Влатко Чингоски и Мајкл Зипф, заменик-претседател на Дојче банк.

Со Договорот за заем Дојче банка им додели кредит од 49,232 милиони евра на Електрани на Македонија, за што како гарант се јавува Република Македонија преку Договорот за издавање на државна гаранција. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, односно 12 години со каматна  стапка од 6 месечен ЕУРОИБОР плус 1,675 што во моментов изнесува 2,26 проценти. Заемот де поделен на два дела од кои 22,4 милиони евра се за модернизација на блок 3, а 22 за блок 2. 

- Потпишавме два исклучително значајни договора со Дојче банка кои ќе овозможат продолжување на животниот век на РЕК Битола за нови 20-тина години. Со овие два договори обезбедивме 49,232 милиони евра со што целосно ја затворивме финансиската конструкција за вртората фаза за модернизација и ревитализација на РЕК Битола. Преостанатите 3 милиони евра до вкупната вредност од  52,096 милиони евра ги обезбеди АД ЕЛЕМ од сопствени средства, рече вицепремиерот Ставрески.

Само со инвестиции во енергетскиот сектор, додаде, може да се обезбеди енергетската стабилност и зголемено домашно производство на електрична енергија, а со тоа да се намали зависноста од увозот на електрична енергија.

- Сигурноста и стабилноста во производството и снабдувањето со електрична енергија е еден од клучните фактори за конкурентноста на економијата. Затоа секоја модернизација на постоечките енергетски објекти, како и изградбата на нови е од значење за иднината на македонската економија, на стопанството и на сите субјекти кои користат електрична енергија, рече Ставрески. 

Владата и АД ЕЛЕМ, нагласи, само во последните три години инвестираа 199 милиони евра во повеќе проекти во енергетскиот сектор како што се хидроелектраната Света Петка, рудникот и копот во Брод Гнеотино и првата фаза за модернизација на РЕК Битола. Со новата инвестиција вкупно 250 милиони евра се инветирани енергетскиот сектор.

Заменик-претседателот на Дојче банк Зипф потенцира дека ова е втор финансиски пакет што го реализираат со АД ЕЛЕМ со што, според него, се покажува дека имаат добра деловна соработка.

- Денеска ги затвораме финансиските договори за модернизирање на два од трите блока на РЕК Битола. Овој проект ќе постави високи стандарди за производство на електрична енергија како што се намалувањето на емисијата на гасови и други ефекти врз животната средина. Сметам дека склучувањето на вакви договори  е големо достигнување во време на сериозни глобални економски услови и тешкотии низ кои Европа момнетално поминува. Тоа всушност го покажува оптимизмот  за Република Македонија и ЕЛЕМ како наши деловни партнери, рече Зипф.

Тој посочи дека се надева оти повторно ќе бидсат  ангажирани за финансирање на ревитализацијата и на последниот блок од РЕК Битола.

Генералниот директор на АД ЕЛЕМ Чингоски истакна дека вкупната вредност за ревитализација и модернизација на ТЕ Битола со намалување на емеисијата на азотни оксиди изнесува 88,5 милиони евра, за сите три блока.

- Со денешното потпишување се отвора патот за почеток на втората фаза во проектот за модернизација и ревитализација на ТЕ Битола што треба да се оствари во наредните две години. Главните придобивки кои се очекуваат се продолжување на животниот век на котлите за најмалку уште 120.000 часови или 20 години нормална експлоатација на ТЕ Битола, зголемување на ефикасноста на котлите, намалување на потрошувачката на гориво и намалување на емисијата на азотните оксиди и задоволување на критериумите за максимално дозволени емисии во ТЕ, односно усоглсеност  со најновите директиви на ЕУ. Со тоа ќе се овозможи непречена работа на ТЕ и после 2016 година, рече Чингоски. 

ЕЛЕМ, нагласи, континуирано работи на подобрување на совите капацитет, како и на изградба на нови кои ќе придонесат за поголема енергетска стабилност и унапредување на енергетскиот систем на Македонија за што, посочи, има поддршка од Владата на Република Македонија.