Поддршка од Фондот за население на ОН за мерките за зголемување на наталитетот во Македонија

Ревизија на досега преземените мерки и постигнатите резултати за зголемување на наталитетот и забавување на процесот на стареење на населението има за цел Писмото за разбирање за имплементирање на годишните работни планови што денеска го потпишаа министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски и директорот на Канцеларијата на Фондот за население на ОН во Македонија (УНФПА), Доина Болога.

По завршувањето на ревизијата, како што појасни министерот Ристовски ќе се види дали се добри мерките што досега се преземени, а ги содржи и стратегијата за демографски развој за периодот од 2008 - 2015 година.

- Ќе се направи оценка на квалитетот на досегашните мерки за зголемување на наталитетот. Доколку притоа се оцени дека е потребна корекција на одредени мерки,  може да произлезе иницијатива за воведување нови мерки. Засега Владата останува на овие мерки што ги има преземено, но сепак крајната одлука ќе биде донесена по завршувањето на ревизијата кон крајот на годинава или почетокот на наредната, рече Ристовски.

Тој истакна дека во изминатата година наталитетот е зголемен за 1 процент, што, како што рече, секако дека не е доволно, но сепак е напредок во однос на поранешното намалување на процентот.

- Проценките на ОН говорат дека во Македонија ќе се зголемува старото население и тоа на 14,8 проценти во 2020, до 18,4 проценти во 2030 година. Ваквиот тренд е очекуван, заради тоа што возраста на населението е зависна од демографските феномени како фертилитет, наталитет и процес на миграција, како и од постоечките економско-социјални состојби, рече министерот Ристовски.

Состојбата во Македонија, како што истакна директорот на Канцеларијата на Фондот за население на ОН во Македонија (УНФПА), Доина Болога не е поразлична од земјите во регионот и светот.

- Бројките покажуваат дека е потребно  соодветно планирање и правилно инвестирање во луѓето со цел да се создаде продуктивна работна сила, која може да ја придвижи економијата, како и да се инвестира во младата популација која придонесува за добросостојбата на општеството. Бројките, исто така, покажуваат дека Македонија се уште е во фазата на „демографски прозорец“,  кога активната популација е во поголем број од зависната, што секако претставува можност која не треба да се испушти, бидејќи со соодветно инвестирање земјата може да го забрза развојниот пат, рече Болога додавајќи дека е потребно и инвестирање во унапредувањето на репродуктивното здравје.