Апликациите за субвенции на струмичките земјоделци ќе се разгледуваат и во други подрачни единици на МЗШВ

Апликациите за субвенции на земјоделците од Струмичко ќе се обработуваат  и во подрачните единици во Валандово, Радовиш и во други градови, каде бројот на апликантите е помал заради надминување на застојот во процесот на поднесување апликации во Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Струмица, каде се очекуваат да бидат поднесени над 11 илјади апликации.

Како што истакна вицепремиерот во Владата Владимир Пешевски во рамки на денешната посета на Струмица, на тој начин се очекува да се реши овој проблем, кој е  од организациски карактер.

- Мојата прва станица во денешната посета беше Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Струмица, во која евидентиравме застој во нормалното одвивање на процесот на поднесување апликации за субвенции. Заедно со раководителот Мојсеј Трајковски констатиравме дека просечната бројка од над 11 илјади барања за субвенции е над кадровскиот капацитет на оваа подрачна единица. Со цел перманентно и непречено реализирање на оваа активност, која со одлука на Влада е продолжена до 31 септември, решивме дел од барањата да бидат доставни во околните подрачни единици, каде апликациите се во помал број, рече вицепремиерот Пешевски.

Како што нагласи, на работниот состанок биле разгледани и прашањата и проблемите поврзани со просторното сместување на државните органи, кои во Струмица се расцепкани и се сместени во повеќе згради.

- Како првично и најпогодно решение на овој проблем се наметна зградата каде порано беше сместена полициската станица во Струмица. Останува повторно и целосно согледување од страна на надлежните служби и донесување на конечното решение, изјави Пешевски.

Сегашната расцепканост и лоцираност на државните органи во повеќе згради претставува проблем за граѓаните при добивањето на документи и потврди од државните институции.