Попоски: Членството на Македонија во ЕУ ќе се случи, но почетокот на преговорите не треба да се попречува од билетерални прашања

Членството на Македонија во Европската унија секако ќе дојде, но потребен е почеток на преговорите кој не треба да е попречен од билатерални пречки. Ова денеска го порача министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој е во Брисел по повод состанокот на македонската делегација со Северно-атлантскиот совет на НАТО (НАЦ), на кој ќе се разгледува извештајот за прогресот на Македонија во рамки на процесот за членство во НАТО (т.н. МАП).

Пред почетокот на состанокот, Попоски истакна дека целта на Македонија уште од почеток на Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) со Европската комисија е да испорачува реформи што се суштински, во најчуствителни домени, а со цел да се скрати периодот на преговори.

- Со таа цел влеговме и очекуваме да биде реализирана и потврдена од страна на Комисијата во престојниот извештај за напредокот на нашата држава во европските интеграции. Претстојната Трета рунда на т.н. ХЛАД ќе ни даде можност да и презентираме на Комисијата кои се мерки ги имаме остварено и да ја потврдиме сликата дека Република Македонија денеска е поподготвена од било-кога во минатото да ги отпочне преговорите, порача Попоски од седиштето на НАТО во Брисел.

На прашањето на дописникот на МИА од Брисел, дали е можно остварување на се почестите најави дека Македонија, сепак, ќе добие датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ во декември, министерот Попоски со одговор дека тоа што македонската Влада се обидува да го направи е да ја интензивира комуникацијата, како со нашиот јужен сосед, така и со останатите земји-члени на Унијата, за да се види позитивно придвижување од нивна страна и да се создаде клима во која ќе бидат исклучени мотивите за нашето блокирање.

-Сметам дека почетокот на преговорите е почеток на процес за приклучување и во тој процес не треба да се поставуваат дополнителни билатерални пречки. Европската комсиија и сите земји-членки на Унијата, дефинитивно ќе имаат интерес да има придвижување и да се задржи оваа динамика и ова темпо на приклучување на Република Македонија кон ЕУ. Ние овие реформи ги правиме за подобрување на нашите услови и за поголема подготвеност на нашето општество за идното членство, кое секако ќе дојде наскоро, порача Попоски, во пресрет на Третата рунда од Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Владата на Република Македонија и Евроспката комисија, што в понеделник започнува во Скопје.