Индустриски форум за спречување и контрола на загадувањето на животната средина

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми денеска го отвори индустрискиот форум на тема „Финансирање на оперативните планови за интегрирано спречување и контрола на загадувањето“. 

Форумот, организиран од ресорното Министерство, Стопанската комора на Македонија, помогнат од Центарот за климатски промени „Норт Енерџи“ од Норвешка и Владата на Кралството во рамки на проектот за зајакнување на капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање за интегрирана контрола на загадувањето и управување со опасен отпад, има за цел да им помогне на фирмите што ги спроведуваат одредбите во овој дел како да управуваат со отпадот и како да се финансира целиот процес.

- Сакам да ја истакнам важноста за ефикасно и успешно решавање на проблемите од животната средина кои се појавуваат во текот на остварување на секојдневните активности во индустрискиот сектор. Политиката за грижата за средината е носечка во модернизацијата на индустријата, како на ниво на компанијата, така и на национално ниво, особено поради фактот што оваа политика налага интегриран пристап кој вклучува решавање на проблемите поврзани со енергетика, расположливи ресурси, транспорт, трговија и финансирање, рече Адеми.

Заштитата на животната средина и заштедата на ресурсите, потенцираше, играаат значајна улога во зголемувањето на конкурентноста на компаниите на домашните и меѓународни пазари. Министерот посочи дека инвестициите во животната средина и овозможуваат на секоја компанија да ги подобри своите еколошки и енергетски перформанси.

- Владата преку Министерството прави значајни напори со цел развивање политики кои поддржуваат развој на проекти за унапредување на животната средина и целосно усогласување со европската регулатива. Се разбира, потребни се повеќе напори, особено кога станува збор за развивање оперативни процедури кои ќе му користат на индустрискиот сектор во секојдневното работење и справување со проблемите, додаде Адеми.

Норвешкиот амбасадор Кјетил Паулсен истакна дека неговата земја уште од почетокот го поддржала проектот на Министерството за управување со опасен отпад.

- Почистата индустрија и помалите емисии на несакани гасови се цели на овој проект, бидејќи знам дека овие точки ќе бидат вклучени во преговорите меѓу Македонија и Европската унија. Иако Норвешка не е земја-членка на Унијата, сериозно ја сфаќаме важноста за имплементирање на овие точки и на тој начин двете земји се наоѓаат на „истиот чамец“, додаде Паулсен.

Во текот на форумот се дебатираше како да и се помогне на индустријата да изнајде решенија за финансирање на активностите од оперативните планови со цел да се спречи или намали загадувањето. Беа опфатени и мерките за изнаоѓање меки кредитни линии кои ги нудат банките со цел намалување или спречување на загадувањето.