Со средства на ЕУ ќе се зајакнува контролата на државна помош

Зајакнување на капацитетите на Комисијата за заштита на конкуренцијата, усогласување на македонското законодавство од оваа сфера со европското, обезбедување негова доследна имплементација, како и подигнување на јавната свест за државната помош и потребата од нејзина контрола, е целта на Твининг проектот што го спроведуваат Комисијата за заштита на конкуренцијата и британското Министерство за бизнис, иновации и вештини (БИС), а беше презентиран денеска во Скопје.

За реализација на проектот се обезбедени средства од Европската унија во износ од милион евра. Првите проектни активности се започнати во април годинава, а тој треба целосно да се реализира за 18 месеци.

Амбасадорот на ЕУ во Македонија Аиво Орав смета дека е потребно да се зајакнат капацитетите на Комисијата во насока на контрола на државната помош, со цел да се заштити конкуренцијата.

- Во сегашната глобална финансиска ситуација од особено значење е националните администрации да направат повеќе напор за ефикасно користење на јавните пари и да ги охрабрат политиките на трошење пари кои имаат за цел и можат да поттикнат раст, иновација и креирање нови работни места, рече Орав.

Со ваквиот став се согласува и директорот на БИС Греам Брентон, кој смета дека државната помош во одредени случаи е неопходна, но оти тогаш е многу важно таа да се контролира.

- За да се подобри ситуацијата на пазарот мора да се вклучи државната помош која ќе придонесе кон стекнување нови инвестиции. Ова особено се однесува на финаисирање на малите претпријатија во случај на финасиска криза. Европските правила одобруваат користење на државна помош во сите овие случаи. Контролата значи насочување на државната помош во оние области каде што е најпотребно, рече Брентон.

Македонија, сппоред него, треба да се сконцентрира на долгорочен план да ги развие капацитетите на нејзините граѓани и вештините на кадарот кои подоцна ќе генерираат зголемен развој.

За вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи политиката за заштита на конкуренцијата е важен аспект од процесот на европска интеграција на Република Македонија. Клучна улога во спроведувањето на политиката за заштита на конкуренцијата има Комисијата за заштита на конкуренцијата, која како што рече, континуирано ја следи политиката на конкуренција и е во чекор со законодавните активности во ЕУ, со цел да го одржи нивото на целосна хармонизација со правото на Унијата. 

- Сепак и покрај остварениот напредок во оваа сфера постои потреба од натамошно зајакнување на капацитетите на Комисијата за заштита на конкуренцијата со што би се овозможила подоследна примена на решенијате од Законот за контрола на државна помош. Токму затоа, активностите предвидени во рамките на овој проект ќе овозможат да се воспостави функционален систем за следење, известување и контрола на државната помош во согласност со европските стандарди и добри практики и да се подигне јавната свест за улогата и надлежностите на Комисијата во овој домен, рече Арифи.

Во досегашната реализација на проектот, како што истакна директорот на Комисијата за заштита на конкуренцијата Благој Чурлинов, се работи на усогласување на македонското законодавство во областа на контрола на државната помош со европското законодавство.

- Покрај тоа една од главните цели на проектот е целосната примена на законодавството, за што е важно и подигнувањето на јавната свест за контрола на државната помош. За таа цел планирани се повеќе активности во кои ќе се вклучат голем број субјекти кои се засегнати од оваа проблематика, реча Чурлинов. 

По завршувањето на проектот се очекува да се оформи целосно зајакнат и функционален систем на надзор, известување и контрола на државната помош во рамки на Комисијата за заштита на конкуренцијата, како и подобрен капацитет и свесност за прашања поврзани со државна помош.