Промовиран проект за интеграција на етничките заедници во образовниот систем

Еднаков пристап до квалитетно образование за учениците од сите етнички заедници е целта на твининг проектот „Поддршка на интеграцијата на етничките заедници во образовниот систем“, кој денеска беше промовиран во скопското ОУ „Живко Брајковски“.

Проектот почна на 1 јули оваа  година и ќе трае 12 месеци, а ќе се спроведува во училишта со мешани етнички средини.  Финансиран е од Европската унија во износ од 1.085.296 евра. Активностите ќе се спроведуваат во соработка меѓу Агенцијата за европска интеграција и економски развој и Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците. Овој е трет проект финансиран од Европската унија во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Посебна компонента од овој проект ќе биде посветена на учениците од ромската етничка заедница – ќе бидат обучувани родителите за образовните потреби на нивните деца.

- Целта е понатамошно подобрување на интеграцијата на етничките заедници во општеството. Носител на активностите ќе биде Министерството за образование и наука со партнер-агенција од Австрија. Покрај тековни обуки за директори, наставници и сите кои се дел од образовниот процес во однос на интегрираното образование кои ќе им овозможат полесен пристап во предавањето на материјалот, проектот ќе овозможи и воведување  иновативни методи на изучување на материјалот преку доловување на една интегрирана образовна средина. Тоа ќе биде целосно базирано на искуствата на австриската агенција и согласно со најдобрите практики на ЕУ, изјави министерот Панче Кралев.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија Аиво Орав во своето обраќање посочи дека Унијата неколку години во извештаите за напредокот забележува, како што рече, една постојана практика на поделба на учениците според етничките и јазичните карактеристики во образовниот систем.

-Образованието не може да функционира како кохезивна сила во едно општество доколку децата со различно етничко потекло растат без да се запознаваат меѓу себе. Овој проект ќе му помогне на МОН во неговите напори да се поддржат децата од сите етнички заедници и тие да добијат пристап до квалитетно образование...Секое дете мора да има право на соодветен пристап до образовниот систем. Образовната вклученост мора да биде правична и не треба да го зема предвид потеклото на секое дете. Каква било форма на посебна потреба, каков било род, припадност на некоја етничка или религиозна заедница или, пак, социоекономска позадина, не смее да го попречува пристапот до квалитетно образование. Добро ообразовано дете значи дека ќе биде добар, способен и одговорен граѓанин, истакна евроамбасадорот Орав.

На промовирањето на проектот се обрати и австрискиот амбасадор Томас Михаел Бајер, кој истакна дека тимот експерти од неговата земја поставиле високи очекувања од проектот и дека се надева тој да биде успешно реализиран.