Втор саем за транспорт и логистика - секторот во исчекување да заживее економијата

Обновата и изградбата на нови инфаструктурни проекти во  патната и во железничката инфаструктура ќе придонесат за подобрување на состојбите во македонскиот транспортно-логистички сектор, кој е во исчекување да заживее економијата.

Такви оценки беа изнесени денеска на отворањето на вториот Меѓународен саем за транспорт и логистика на Скопски саем, којшто обедини над 30 претставници на транспортни и логистички компании од Македонија и од регионот.

Министерот за економија Ваљон Сарачини истакна дека транспортот и логистиката  се меѓу клучните фактори за развој на трговската размена и оти придонесуваат за подобрување на бизнис климата, поттикнување на економскиот развој и за поврзување на светските економски текови.  Владата ќе продолжи со напорите и активностите за подобрување на патната и сообраќајната инфраструктура и создавање услови за развој на транспортниот сектор, посочи сарачини, кој го прогласи саемот за отворен.

Зоран Арнаутовски, оперативен директор на Фершед а.д Скопје изјави дека  е факт оти во услови на рецесија треба да се почека да живне стопанството, но оти  главно за подобрување на состојбите во транспортно-логистичкиот сектор  мора да биде разработувањето на коридорите 8  и 10. 

- За поздравување е градењето, односно продолжувањето на автопатот на Коридорот 10 со што ќе добиеме една модерна патна мрежа. Нормално, потребно е и подобрување на железничката пруга кон Грција и зголемување на нејзината носивост. Исто така за поздравување е што ќе почне скоро и Коридор 8 и така мислам дека  веќе  ќе можеме да ги поврземе и бугарските пристаништа  и бидејќи ќе биде вклучена железницата ќе можеме да носиме  помасовни товари. Тоа е суштинското што мора да го направиме, оцени Арнаутов.  

Кире Диманоски, директор на маркетинг и продажба во МЖ Транспорт а.д. Скопје, очекува зголемување на транспортните активности во претстојниот период, по големиот пад на работата во изминатите две години.  Состојбата во транспортот  во Македонија зависи од европската и светската економија. Намалувањето беше најголемо минатата година, како и од почетокот на годинава, во јануари и во февруари, но  во  претстојниот период се очекува зголемување на транспортните текови,  на база на предвидувањата за зголемување на економскиот раст во Европа и почеток на заживување на производството, изјави Диманоски.

МЖ Транспорт, како што рече, се труди да ги намали  трошоците и да ги покрие загубите заради неостварениот превоз. Но, сите мерки кои се применуваат се трудиме да немаат никаво влијание врз вработените, односно да нема отпуштања и се запази социјалниот аспект со оглед дека вработуваме 1.300 лица, посочи Диманоски.

На  втората специјализирана саемска манифестација за транспорт и логистика се претставуваат над 30 компании, на внатрешен изложбен простор од 3.000 метри квадратни и на 1.000 метри квадратни надворешен изложбен простор. Презентации и промоции  имаат регионалните поморски пристаништа Солун и Драч, бродските компании МСЦ и кинеската Коско шипинг преку претставништвото во Солун, МЖ Транспорт а.д. Скопје од железничкиот транспорт,  компанијата  за брза пошта Федекс, шпедитерски и логистички центри, терминали и јавни царински складишта, меѓу кои „Фершпед“, „Шенкер, „Боми 10 Логистик“, „Блубел Маритајм“, „Логвин Солушн“, „Мултишпед“... Од транспортните системи, товарни возила и возилата за утовар и истовар се присутни „Каргомакс“, „Волво Македонија“, „МАН импортер Македонија“, Мак Ауто Стар“, „Шмиц Каргобул“.  

Покровител на  Саемот за транспорт и логистика е Царинската управа на Македонија, а партнер СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ.

Следното издание на Транспорт и логистика ќе се одржи во 2014 година.