Подобро пари со мало задоцнување отколку воопшто да нема, интервју на премиерот Никола Груевсkи за „Дневник“

Минатиот викенд ја изненадивте бизнис-заедницата, а и јавноста со најавата дека државата ќе почне да се раздолжува кон стопанството. Првите милиони евра веќе легнаа на сметките на стопанствениците. Бизнисмените, односно трите нивни комори ова постојано го бараа од Вас. Зошто дури сега почнавте со раздолжувањето?

 - Главната поента ја посочувате во вашето прашање, а тоа е дека почна операцијата за анулирање на доцнењата на поврат на ДДВ и на исплата на договорните услуги кон компаниите, и првите средства веќе легнаа на сметките на компаниите. И би додал дека оваа операција како што почна, ефективно и ефикасно, така и ќе заврши, а сите обврски државата ќе ги намири до февруари в година. Тоа е даден збор и ветување и тоа ќе биде исполнето, како што многупати сме докажале дека стоиме на зборот и ги исполнуваме ветувањата. Владата во целиот овој период најголемо внимание обрнуваше на економијата, соочени со светската економска криза и со европската должничка криза и нивните влијанија на намалувањето на перформансите на домашната економија. Се трудевме да го одржиме балансот и да не дозволиме крах на економијата, како што тоа се случи во многу други земји. Чинам и дека не дозволивме да има до толку негативни состојби како низ Европа, немаше масовни отпуштања од работа, не ги зголемивме и даноците, и истовремено спроведувавме редица проекти кои имаат општествена корист, во смисла на градба на болници и училишта, патишта итн. Фокусот да не се оптовари директно стандардот на граѓаните со владина мерка, стандард кој и така беше оптоварен од влијанија однадвор, односно да не се одземе дел од средствата насочени за граѓанските и општествени проекти и да се пренасочат тие средства на друго поле, придонесе да се продолжи рокот за сервисирање на нашите обврски кон стопанството и јас тоа го истакнав - ова пролонгирање е на некој начин наша одговорност, го лоциравме и еве најдовме модус и средства да се доведе во нормала. Бизнис-заедницата издржа, покажа општествена одговорност и ние како влада го почитуваме тоа и го вреднуваме, тие со толеранцијата што ја покажаа, иако претпоставувам дека не им беше лесно, имаа значаен придонес да не се создаде подраматична состојба. Сега кога, според многу експерти, влијанијата на европската должничка криза врз домашната економија е во најголем замав, средствата што ги пласираме во функција на раздолжувањето ќе им помогнат на компаниите да ги одржат својот бонитет и својата ликвидност, што ќе значи дека, од друга страна, ќе може да продолжат да функционираат на ниво што нема да придонесе да им се наштети на нивните капитални интереси и да не се дозволи да се отпуштаат работници.

Ви префрлаат оти со овој потег се фалите за нешто што е нормално - државата, односно Владата редовно да си ги намирува обврските кон сите. За годинава се планира да се исплати половината од долгот и за тоа, како што официјално беше кажано, имаме пари. Ако имаме пари да ја исплатиме половината од она што го должи државата кон бизнис-секторот, зошто досега не се вршеше поревносно сервисирање на обврските?

- Ако беше нормално време, без светска економска криза и без европска должничка криза, веројатно и оваа операција ќе беше нормална. Ама не е такво време, Европа е во сериозни економски проблеми, а таа е наш 90-отстотен партнер за извоз на нашите производи, и нормално е нејзината криза да се прелева и кај нас. Таа дури има влијание и на забавување на растот на Kина и на САД, па што останало за нас. Така што тоа што е нормално за нормално време, за вакво време е успех и изненадување. Патем речено, во сите земји на Балканот има доцнења на плаќањата по еден или неколку месеци, Македонија не е изолиран случај. Но, ние најдовме начин и сили да го решиме тоа.Ако некоја наша активност предизвикала позитивен одглас во јавноста, во прв ред кај стопанствениците, не значи дека се фалиме, туку дека навистина нашата заложба и дејства се корисни за стопанството, носат придобивки и ги помагаат компаниите. Некои велат дека секогаш е добар момент за вистинскиот потег. Владата е посветена на исполнување на обврските кон сите субјекти со кои има облигациски односи. Пензиите се исплаќаат редовно, секој 5-ти и 6-ти во месецот, и во законскиот рок, а ќе се согласите дека тоа во други времиња беше незамисливо, па имавме две-три групи пензионери, кои добиваа пензии во различен период од месецот. И платите редовно се исплаќаат.
Објаснив за предизвикот со облигациските обврски кон стопанството. За да го решиме овој проблем, имавме две солуции. Првата, која повеќепати ни ја понуди СДСМ, беше да прекинеме голем дел од инвестиционите проекти и тоа големите и да се доведеме во ситуација да се отпуштаат голем број работници, пред се, во градежништвото, но и во други 26 индустриски гранки поврзани со градежништвото, кои добиваат работа од него. Паралелно на тоа, намалувањето на капиталните проекти директно ќе влијаеше на намалување на економскиот раст, односно БДП, што, од друга страна, ќе влијаеше и на намалени приходи на буџетот и други негативни појави. Тоа ќе беше лошо сценарио, особено ако се знае дека државата, поради влијанието на европската должничка криза, е најголем инвеститор и во градежништвото и во други области.
Потоа дојде вториот предлог од опозицијата, кога СДСМ ни сугерира освен капиталните проекти, да ги намалиме и пензиите на пензионерите, платите во јавниот сектор, социјалната помош и субвенциите на земјоделците. Kога ова го предложи во Собранието преку пратеникот Стојко Пауновски, дури и потенцираа дека сите треба да ја осетат кризата. Третата солуција ќе беше да ги зголемиме даноците за да го наполниме буџетот и на тој начин да ги оптовариме граѓаните со поголеми давачки и да го нарушиме стандардот, но и да го намалиме перформансот на компаниите, бидејќи македонските производи ќе станеа поскапи и помалку конкурентни, што значи и пад на извозот, зголемување на увозот, пад на домашното производство и отпуштање вработени кои би се создале како вишок поради намаленото производство. Ова СДСМ исто така ни го предлагаше преку прес-конференции, преку различни форми, од понудата за воведување прогресивно оданочување, преку други различни форми. Хипотетички, ние можевме, за да бидеме поефикасни во сервисирањето на долгот кон компаниите, да ги зголемиме даноците и да земевме од компаниите повеќе за да им вратиме побрзо. Не гледам дека бизнисмените ќе беа задоволни со такво сценарио. Патем речено, овие две солуции беа предлог од опозицијата и мислам дека ќе беа штетни ако ги прифатевме.
Она што ние го спроведуваме како стратегија на подолг период, која беше свесно избрана, е да не зголемуваме даноци, да не кратиме од инвестициите во капитални проекти, да не намалуваме плати, пензии, субвенции и социјална помош, со пресметан ризик дека ќе се доведеме во ситуација да има доцнење во плаќањата. Подобро со мало доцнење да се добијат пари отколку воопшто да ги нема, во услови на светска криза и европска должничка криза. И тоа беше стратегија што даваше добри резултати околу три години. Во периодот кога увидовме дека компаниите се веќе исцрпени од европската криза, дека нивната резерва и акумулација е сведена на минимум и дека оваа стратегија почнува да станува контрапродуктивна, односно повеќе штетна отколку корисна, извршивме корекции во макроекономската политика, со мало зголемување на буџетскиот дефицит од околу 1 отсто во 2012 и исто толку во 2013 година. Обезбедивме евтини извори во тој правец, за што успеавме да добиеме начелна согласност од Светската банка да биде издаде гаранција за Македонија и со тоа да ја преполовиме каматата кон нас и стартувавме со масовен прилив на средства кон компаниите за да ги анулираме доцнењата. Операцијата за елиминирање или сведување на минимум на доцнењата почна и целосно треба да ја завршиме до крајот на февруари 2013-та, а половина од работата треба да е готова до крајот на ноември годинава.

Најавивте дека в година ќе земеме кредит од 200 до 250 милиони евра. Опозицијата Ве обвинува дека дополнително ја задолжувате државата, а експертската јавност главно смета дека сме во групата земји што не се презадолжени и дека има простор да си „дозволиме“ваков кредит. Kакви се всушност проекциите на Владата во поглед на задолженоста, односно ќе имаме ли сили да си ги отплаќаме обврските?

- Kако прво, ние и по оваа мала корекција на макроекономските политики, ќе останеме во групата на нискозадолжени земји и меѓу 5-6 најниско задолжени земји во Европа. Второ, и во однос на тековното задолжување, односно буџетскиот дефицит, Македонија ќе остане меѓу 10-15 земји со најнизок буџетски дефицит во Европа. Трето, многумина кога говорат за кредити и слично, забораваат дека државата освен што зема кредити, истовремено и враќа кредити. Тоа најчесто многумина го пропуштаат во анализите. Четврто, и многу важно, задолженоста на земјите не се мери само според апсолутниот износ на долг, туку тој се става во корелација со БДП. Според ова, дури и ако воопшто немаме дополнително задолжување во една година, задолженоста на земјата може да падне ако во таа година падне БДП, односно ако падне економијата. А ако ги зголемите даноците и со тоа ги намалите конкурентноста и извозот на домашните производи, ако ги намалите платите, пензиите, субвенциите, социјалната помош, директно ќе влијаете на куповната моќ и индиректно и на растот на БДП, бидејки граѓаните освен на странски, ќе ја намалат потрошувачката и на домашни производи. И конечно, ако ги намалите капиталните расходи, па макар тоа биле објекти за администрацијата, ќе падне градежништвото, а тоа ќе повлече надолу уште 26 стопански гранки и, секако, тоа сериозно негативно ќе влијае на растот на БДП. На овој начин, со дополнително намален БДП, задолженоста на земјата ќе порасне дури и ако нивото на долгови во апсолутен износ остане ист.
Инаку една од најгротескните начини да н` дискредитира опозицијата е тврдењето дека Македонија е високозадолжена земја. Во време кога ММФ, Светска банка и другите релевантни меѓународни финансиски институции во своите извештаи н` вбројуваат во групата земји со низок долг, а тоа го прават и меѓународните економски списанија, како на пример „Економист“ деновиве, кој секако ги следи извештаите на ММФ и СБ, а не на опозицијата во Македонија, кога редовно добиваме честитки за макроекономската политика и резултати, обвинувањата од СДСМ, морам да признаам, дека и ми годат. Kолку е поапсурдна опозицијата, толку е подобро за нас како политичка партија, затоа што народот гледа, чита, пристапот до интернет е огромен и најголем дел од луѓето веќе ги разбираат овие работи.
И да одговорам директно на прашањето: да ќе имаме сили да ги отплаќаме долговите и тоа, пред се, затоа што кога немаше светска и економска криза, во 2007 и во 2008 година, и покрај критиките од опозицијата, одлучивме предвремено да ја раздолжиме земјата, и наследениот долг од 39 отсто од БДП, по изборите во 2006-тата, го сведовме на околу 24 отсто, а сега е околу 30 отсто од БДП. Со овие чекори оставивме простор, ако обезбедиме финансирање за патиштата од Kоридорот 8 за кои не се јави заинтересиран концесионер, да можеме да дејствуваме, а земјата да не отиде во висока задолженост, туку максимум во средна задолженост, а ниската задолженост во ова тешко време на светска економска криза и европска должничка криза ни помогна да поминеме низ овој период со помали шокови.
Инаку овие 200-250 милиони евра ќе се наменат за различни потреби, исто како што е и во Франција и во Германија или Британија и да не заборавиме дека со дел од тие средства ќе се исплатат и обврските од плаќање на еврообврзницата што доспева следната година, што значи истовремено и раздолжување. Kако во домаќинствата, државите на глобалниот пазар имаат функција на домаќинство во општеството, некогаш земаат кредити и со нив задоволуваат потреби, некогаш земаат кредити за да создадат нова вредност во семејниот бизнис, на пример, со дел од тие кредити отплаќаат стари кредити, тоа е циклично движење и се додека е во умерени граници и се постапува дисциплинирано, како што ние постапуваме, врз основа на анализи, проекции, движења, приоритети во даден момент, и граници на однесување, опасност за општествениот интерес нема. Се друго, како некоја критика која ќе ја добиеме од политичките конкуренти за дневна употреба, е дневна политика. Инаку имам впечаток, дека по последните мерки, и позитивните реакции во јавноста, синдикатите, пензионерите, компаниите и бизнис заедницата, опозицијата е дезориентирана и осамена во критиките кон нешто кон кое нема простор за критика. Се прашувам за каков фронт говорат тие, кога нашите мерки и политики наидуваат на поддршка кај речиси сите општествени фактори и категории.

Постои сомнеж дека ако не се направи ребаланс на буџетот, односно не се изврши кратење на некои од планираните трошоци, буџетот нема да има сили да ги исполни овие обврски?

- Ребаланс на буџетот нема да има, не е потребно да има, и за тоа не треба да се прави фама. Она што требаше да биде скратено, пред се, трошоци што се однесуваат на државната управа и на нејзините функции, е скратено до максимум со претходниот ребаланс. Сега сме фокусирани на подготовката на буџетот за 2013-та, со кој освен што целиме да ги елиминираме доцнењата во исплатите, целиме и да не се случи повторно таква појава.

Домашниот бруто-производ годинава веројатно ќе биде меѓу 1 отсто, како што прогнозира НБРМ, и 1,5 отсто, колку што се проекциите на ЕБРД. Дали вината е само во надворешниот фактор, односно рецесијата што ја зафати и Европа?

- Причините за движење на економскиот раст во посочените интервали се исклучиво од влијание на надворешните фактори, односно од европската должничка криза и рецесијата што ја зафати Европа и се прелеа во Македонија. Условно кажано, најголем удар врз растот имаат намалените нарачки, кои нашите компании ги добиваат од земјите од Европа, дури 60 отсто од нашиот извоз се насочени кон земјите на Европската унија, компании што се погодени од негативните текови, и 30 отсто од нашиот извоз се насочени кон земјите од регионот, кои исто така се предодредени во најголем обем да извезуваат во земјите од ЕУ, значи и тие се погодени. Односно, 90 отсто од нашиот извоз, директно или индиректно, се насочени кон Европската унија, која минува низ тешки економски предизвици, и затоа разбирливо е најголемата причина за забавената економска активност и економски раст во нашата земја да се должи на ова надворешно влијание. Владата со својот ангажман, со своите инвестиции, во своите политики, ~ овозможува на нашата економија да има раст и да се менаџираат ефектите од надворешните влијанија. Ние досега обезбедивме 250 милиони евра евтин кредит за компаниите, на кои ја субвенционираме и каматата во висина од 5,5% и, според информациите од банките, токму кредитите од таа кредитна линија го претставуваат обемот на кредити што севкупно се побарувани или користени од компаниите. Во оваа насока, по искористувањето на последната кредитна линија од 100 милиони евра, од која веќе се алоцирани околу 22 милиона евра, ние ќе почнеме постапка за повлекување дополнителни 100 милиони евра нова кредитна линија чија камата, како и досега, ќе ја субвенционираме. И токму овие средства, со нашите инвестиции во градежништвото, на некој начин беа локомоторната сила што ги влечеше компаниите во ова време на тешкотии во економските битисувања и во домашната, и во европската и во светска економија.
Сепак, морам да нагласам дека домашните претпријатија слабо ја искористуваат предноста што Македонија во изминатите 6 години стана земја со најниски трошоци за правење бизнис. Светски гиганти како „Џонсон Мети“, „Џонсон контролс“, „Kемет електроникс“, „Kромберт и Шуберт“, „Дракселмајер“ и други ги селат своите фабрики во Македонија токму поради тоа, отвораат и втори свои фабрики тука, а нашите, кажано во целина, чест на позитивните исклучоци, с` уште мислам, дека не ја искористуваат до крај предноста. Еве само „Џонсон контролс“ и „Џонсон Мети“ во Бунарџик веќе прават 16 отсто од македонскиот извоз, а очекувањата се дека новодојдените инвестиции во слободните економски зони во 2014-та ќе достигнат и до 35 отсто учество во македонскиот извоз. И с` ова за само неколку години. Тоа многу говори за тоа како тие знаат да ги искористат предностите што ги дава Македонија како локација за инвестирање и правење бизнис. Мора да се излезе поагресивно надвор од границите на Балканот. Сопствениците на македонските фабрики и нивните менаџери треба да размислат за ова. Ние сме тука да помагаме, но тие се тие што треба да склучат договор за продажба или да направат иновација во својот производ и да станат поконкурентни. А ова време на криза е најдоброто време за продор на пазарот. Најдоброто!

Гледате ли и други ризици во глобалната и домашната економија?

- Зачестените квантитативни емисии во САД и во ЕУ, односно Европската централна банка, или кај нас популарно наречени печатење пари, колку што радуваат затоа што краткорочно даваат гориво во забавената економија, толку и загрижуваат поради ризикот од зголемена инфлација на глобално ниво. Ако тоа се случи, крајниот ефект ќе биде зголемување на цените изразени во евра и во долари на најзначајните берзански, но и на сите други производи, што директно ќе се одрази и кај нас. Ние сме немоќни да влијаеме на овие процеси, а последиците секако би ги почувствувале во повеќе форми. Но, да се надеваме дека креаторите на економските политики во САД и во ЕУ мислат на ова и нема да го дозволат.
Втор ризик е брзината со која во еврозоната ќе се решаваат актуелните економски проблеми, и сето тоа е ставено во корелација со нас. Досега, според повеќето меѓународни економски аналитичари, тоа не одеше најефикасно и многу чекори можеа порано да се преземат ако ЕУ имаше подобри и поефикасни механизми за справување со ваков вид кризи. Оваа европска должничка криза е многу реална, многу фундаментална, имаме реални долгови што достасуваат, а некои од земјите не можат да ги вратат. Наспроти тоа тие дополнително се задолжуваат со високи стапки на буџетски дефицит од 7-8 или повеќе отсто, проследено со пад на БДП. Неколку земји во ЕУ не прогласија банкрот не од економски причини или напредок, туку со политички одлуки за нивно спасување од страна на Брисел, Берлин и Париз, и со подршка на Вашингтон. Над десет земји во еврозоната се во рецесија. Многу е сериозна ситуацијата.

Околните земји ќе го зголемат ДДВ-то, стигаат информации од Србија дека ги зголемува акцизите. Македонија досега не тргна по овие стапки. Дали ќе успее во политиката на неменувањето на даночните стапки?

- Kарактеристика на оваа влада, како влада десно од центарот, од самото нејзино формирање и од мојот прв ден на позицијата премиер е намалување на даноците. Во суштина и една од првите одлуки беше намалување на даноците. Сметам дека со оваа политика на намалување на даноците и воведувањето на рамниот данок се овозможија добри моменти и таа е корисна и за граѓаните и за компаниите. Така и ќе продолжиме, нема да има зголемување на даноците, иако дел од јавноста, во прв ред мислам на СДСМ, го бараше тоа, но уште тогаш рековме, а еве и сега ќе повторам дека не сакаме и нема да одиме на зголемување на даночните стапки. Ние дополнително и во текот на годината укинавме даноци како што беше тој за фирми што имаат обрт до 3 милиони евра годишно, а го намаливме ДДВ-то за шеќерот, маслото за јадење и за туристичките услуги, и намаливме и голем број царински стапки и давачки. Генерално, таму каде што државата определува цена, а даноците се на некој начин своевидна цена, односно на секој начин имаат влијание во определувањето на финалната цена на стоките и услугите, владата води политика на намалување, а не на зголемување. Македонија има најнизок даночен пакет во Европа и оваа карактеристика освен што е позитивна за домашните компании, има големо влијание и за привлекувањето на странските компании да инвестираат во Македонија. Тоа е, како што кажав, една од причините зошто во последниот период странските компании се одлучуваат да инвестираат кај нас, а од голема помош им е и фактот што имаме договори за слободна трговија со цела Европа, стабилна макроекономија без сериозни ризици и одлична бизнис-клима и правила за игра, која ние ќе се трудиме и понатаму да ја подобруваме преку континуирани реформи.

За идната година најавивте големи инвестициски проекти со кои Владата планира да го поттикне стопанството?

- Да, како дел од заложбите на Владата за поддршка на економскиот развој преку инвестициите во капитални проекти и како политичка определба на Владата во идниот период да се насочиме кон големи инфраструктурни проекти, во наредната година ќе следуваат голем број инвестиции на тоа поле. Тоа врзува голем број вработени и учествува во БДП, а секако дава и добра работа за компаниите што работат или ќе работат на овие проекти, независно дали како изведувачи или подизведувачи, во нив по правило секогаш се ангажирани и многу домашни компании, што влијае и на кондицијата на домашната економија.
Генерално, активноста ќе се одвива на неколку поенти - патишта, пруги, енергетика, општествен интерес. Kај патиштата одиме со план за обезбедување средства за автохтона инвестиција. Можам да кажам дека првичните сигнали и контакти се во добра насока, има сериозни претпоставки дека ќе успееме во заокружувањето на финансиската конструкција и да почнеме со градба, но тоа е засега само почетно позитивно чуство, треба да се почека да видиме како ќе заврши. Правиме подготовка да се понудат за концесија два помали патни правца за автопати, за кои имаме сигнал дека би добиле поддршка, а тоа е Гостивар-Kичево и Скопје-Блаце, а за другите 3 делници автопат почнавме анализи и разговори за кредит и други начини на финансирање. Засега од првичните разговори сме оптимисти, но би почекал на финалниот епилог, иако голем дел од нашата енергија и ангажман е насочен на ова поле. Kај железницата за делницата Kуманово-Бељаковце, за која ќе се склучи договор со градежна фирма во првите три месеци од 2013-та, а веќе од наредниот месец почнува со физичка работа за реконструкција и рехабилитација на 54 километри пруга од Kоридорот 10, цели 50 години нереконструиран. Пред неколку недели почна и градбата на делницата Демир Kапија-Смоквица од Автопатот Александар Македонски, вредна 220 милиони евра. Тече и градбата на патот Струмица-Радовиш, како и на неколку други регионални патишта, како патот кон Kожув, на пример.
2013 ќе биде година кога ќе почнат неколку крупни проекти во енергетиката. Најзначајно е дека се планира да почне изградба на гасоводниот прстен, и тоа првата фаза: Kлечовце-Штип-Неготино-Kавадарци, за која се надеваме да почне напролет в година. Ќе почне и изградбата на ХЕ „Бошков Мост“,ќе продолжи рехабилитацијата на шест хидроелектрични централи, а ќе продолжи и реализацијата на проектот „Ветерен парк Богданци“. Ќе почне и реализацијата на проектот „Луково Поле“, а ќе продолжиме со модернизација на блок 2 и блок 3 од ТЕ Битола. Во 2013 ќе продолжи проширувањето на трансформацијата на далноводот Скопје - Битола, далноводот Штип - Ниш, замена на постојниот далновод Скопје - Тетово.
Се разбира, нема да запрат и инвестициите од поширок општествен интерес, напротив, ќе се засилат. Почнува реализацијата на втората фаза од проектот за изградба и реконструкција на болниците, а очекуваме круцијално место да има изградбата на нов клинички центар, каде што по сите стандарди во комплетно нов објект ќе бидат интегрирани и по сите стандарди предвидени поголем број клиники, која се планира да почне следното лето. Обезбедивме и средства за изградба на водоводи и канализации и за подобрување на условите во казнено-поправните домови преку инвестиции во објектите. Продолжуваме со изградба на спортски сали, училишта, реконструкции на училишта и многу други проекти според нашата програма. С` на с`, во 2013 година ќе биде ставен суштински акцент на инфраструктурата, која и по обем на средства и по други придобивки што произлегуваат од инвестициите, значително ќе придонесе за унапредување на условите за економско закрепнување и растење.

Истакнавте дека од март пензионерите и социјалците ќе добијат повисоки примања, некои велат дека тоа е купување на поддршката за претстојните избори, а некои дека е трик. Ќе обезбеди ли државата средства за исполнување на ова ветување?

- Ако сме оделе на купување поддршка намерно пред избори, зошто досега и во период кога немало избори веќе сме ја зголемиле пензијата за просечни 35%, а најниската пензија за 42%? И социјалната помош ја имаме зголемено за околу 22%, а имаме воведено и нови социјални трансфери, а некои трансфери сме ги зголемиле и девет пати, како за поддршката на децата без родители што го напуштаат Домот. Не е ниту трик ниту купување поддршка, туку е одраз на еден искрен однос кон пензионерите и кон социјално ранливите групи. Социјалната помош ќе биде зголемена за 5% почнувајќи од мартовската исплата. Пензиите ќе ги зголемиме за околу 7%, од кои 5% се зголемување што го имаме ветено во програмата и околу 2% се резултат на усогласувањето на пензиите со порастот на трошоци на живот, чија методологија пред некоја година ја променивме во корист на пензионерите, па оттогаш добиваат и повисоки усогласувања. Во следниот период, во консултации со здруженијата на пензионерите, но и пошироки консултации, треба да го определиме моделот на зголемувањето, дали би оделе на линеарно зголемување со определен апсолутен износ или зголемување по процент врз основа на основицата на секоја пензија. Инаку, дека ова што го говорам за искрениот и партнерски однос се огледа и преку редица други мерки што ги спроведуваме, кои имаат интенција да ги подобрат условите на овие општествени групи - намалени се цените на лековите, а некои лекови се ослободени од квоти со што се достапни во целиот месец, пензионерите веќе трета година по ред ја користат можноста за бесплатна бањско-климатска рекреација и бесплатно возење со автобус во некои денови во неделата, воведовме и го зголемивме надоместокот за борба против енергетска сиромаштија, воведена е парична помош за социјално ранливите групи чии деца одат во средно училиште, даваме бесплатни станови за социјалците, 2.000 деца од ранливи семејства ја искористија можноста за бесплатен летен одмор, а уште 1.000 ќе одат на зимување и многу други работи. Неодамна донесовме законски измени за од 1 јануари сите пензионери што земаат пензија помала од просечната да не мора да плаќаат болничка партиципација, а пред некој месец стартуваше и надоместот за придружно лице за лицата со 99 отсто оштетен вид и најтешко инвалидизираните лица. Знаете, ние потешко даваме ветувања отколку СДСМ, можеби и помали и пореални, ама се држиме до зборот.
 

Освен мерките за поддршка на стопанството, зборувавте и за рецесијата на наталитетот. Колку е таа опасна, што правиме за да ја надминеме, и зошто одлучивте да ја споменете токму сега?

- Економските растови и рецесии се сериозен проблем и огромен предизвик на сите актуелни влади, особено поради големата криза со која се соочуваат голем број земји. Сепак, се случува и уште еден, според мене, и многу посериозен проблем и предизвик, кој мора да го посочиме гласно, а тоа е рецесијата на наталитетот, кој, како што кажав, е многу поголем проблем, а во нашата држава, за разлика од другите развиени земји, имам впечаток како да се потценува. Ние се соочуваме со овој феномен и пробуваме да се бориме со него, но и Вие сте сведок дека досега немало ниту една посериозна дебата на оваа тема што ќе доживее посилен фокус кај јавноста, а, од друга страна, сите наши обиди за мерки или јавни кампањи на оваа тема беа дочекувани со сериозен отпор кај некои слоеви и структури. Сепак, ова е проблем на модерното време, со кој се соочуваат дури и најголемите и економски најсилните држави. Истакнувањето на проблемот токму во овој говор имаше цел освен да поттикне дискусија, да го исфрли на површина и да почне да се разгледува од различни аспекти. Економски, образовен, културолошки, социолошки и така натаму.

Исто така е важно да се разбие дел од еден стереотип во јавноста - дека намалениот наталитет е резултат на економските предизвици, на социјални проблеми, на немаштија кои често се користат како оправдување кога ќе се постави прашањето зошто во Македонија денес семејствата имаат с` помалку деца. Статистиката и искуствата не само од Македонија, туку од светот, покажуваат дека економскиот аспект има мало влијание на наталитетот, односно не е пресуден. Во Европа и во другите региони на демократијата, подеднакво помалку деца во споредба со порано имаат и богатите, и средната класа и социјално ранливите групи. И затоа токму пред бизнисмените зборував за намален наталитет, моментот беше искористен како повод за да се разбие токму овој стереотип, во таа сала немаше сиромашни или невработени, таму имаше бизнисмени, раководители на фабрики и компании. Но и кај поимотните лица во Македонија просекот на наталитет во семејството е под индексот 2, односно имаат максимум по две деца.
Сите ние како општество треба да направиме промена во свеста, некои велат промените треба да се направат во нашите глави, мора да го разбиеме тој стереотип на економското алиби. И Германија, и Англија, и Франција и САД се богати земји, но се соочуваат со проблемот на намалениот наталитет, значи не е до парите. Побогатите земји пробуваат да го решаваат со увоз на емигранти од Азија, Африка и од Јужна Америка. И зарем на нашите предци им било полесно, зарем тие имале повеќе пари? Не. И тие се соочувале со предизвици, и од економски аспект, но и војни, слаба лекарска заштита, болести, суши, а имале повеќе деца. Генерално проблемот најмногу се чувствува во Европа. Во минатото жителите на Европа претставувале 20 отсто од светската популација, денес само 11 отсто, а процените се дека во идните десет години учеството на европските жители во вкупната светска популација ќе падне на 7 отсто. Во Македонија наталитетот е намален за повеќе од половина во споредба со 1950 година. Ако тогаш се раѓале 50.000 деца годишно, денес се раѓаат 22.000. Kаде не води тоа? Еве оценете сами. Ниту развој ниту економија, нема ништо без луѓе. Луѓето се производители, потрошувачи, работници, и не смее вака да се продолжи. Ќе се насочиме и кон справување со овој предизвик. Почнавме со мерки, како што е паричната помош за трето родено дете, и ми е жал што Уставниот суд донесе одлуки со кои моравме да ја поништиме мерката за финансиска поддршка и на четврто дете. Почнавме и јавни кампањи. Но што и да прави државата е минимално, треба сите ние на ниво на поединец и на ниво на семејство да се одважиме, да се откажеме од разните алибија, оправдувања, пролонгирања, и да создадеме вистински однос кон ова прашање кое има огромна улога во идниот развој на Македонија. Немам илузија дека ќе го решам овој проблем, но моја обврска е да го истакнам и да барам начин како да се бориме, и да вложам максимум да го исправам. Многу поразвиени и поорганизирани земји се соочуваат со ваков феномен, ќе ги согледаме нивните искуства за поттик на демографскиот раст и наталитет, но и ние ќе бидеме креативни. И во оваа битка е потребна широка општествена платформа и поддршка од сите политички фактори и општествени актери во целиот општествено-политички спектар, без разлики на определба или припадност.


Извор: „Дневник“

Новинар: Зденка Павковиќ