Промовиран патролен социјален тим во Општина Шуто Оризари

Во Општина Шуто Оризари денеска е промовиран патролен социјален тим како дел од проектот „Патролна социјална работа“ на Министерството за труд и социјална политика. Таква форма на социјална работа од почетокот на годинава е воведена во општините Ѓорче Петров, Гази Баба и Центар, а покрај во Шуто Оризари се планира да профункционира и во Битола, Штип, Куманово и во Велес.

Моќта на овој профил социјален работник е во неговиот непосреден контакт со лицата во ризик, можноста за изнаоѓање алтернативни техники и форми за решавање на проблемите и почитување на еден од основните принципи во социјалната работа „од помош до самопомош“, изјави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Според него, во изминатиот период, патролните социјални работници  придонеле за откривање и санирање голем број  социјални проблеми  кои не се само од материјална природа, како бездомништво, деца на улица, питачење, семејно насилство, стари лица, корисници на дрога, инвалидни лица, нарушени семејни односи... - Едноставно, целта на проектот Патролна социјална работа е да помагаме според реалните  можности на корисниците и заедницата, при тоа имајќи на ум дека превентивната акција е најдобар начин за спречување на социјалните ризици, наведе Ристовски.

Резултатите од досегашната реализација на пилот проектот покажуваат дека отворена социјална карта за околу 120 лица кои се нашле во социјален ризик во три општини. За нив е отворено досие, вклучени се  во системот на социјална заштита и им е дадена психосоцијална поддршка. Остварена е средба со над 140 лица,  кои досега немаат  извадено лични документи, како и средби и со психолошко педагошките служби на 19 основни училишта, 6 средни училишта, 4 градинки со цел обезбедување  превентивен пристап кон децата кои имаат ризично однесување со цел превенција од понатамошни ризици  за вкупно 50 деца. Дадена е помош и поддршка на 115 стари лица, реализирани средби со 56  лица на кои им е истечен рокот на важење на старата лична карта и обезбедена е асистенција до надлежен орган,... Преку активностите од овој проект е обезбедено вработување за 6 лица во приватниот сектор, евидентирани се 10 деца кои не посетуваат настава и за кои се известени надлежните органи, а  41 дете од улица се згрижени во дневните центри.

- Како ресорно министерство, заедно со партнерите од овој проектот Црвениот Крст на Град Скопје, трите општини коишто веќе го имплементираат проектот, како и новите 5 општини во коишто наскоро ќе го прошириме и понатаму ќе продолжиме да го зголемуваме степенот на пристап до социјалните услуги, а со тоа и да ја зголемиме социјалната сигурност на граѓаните, рече Ристовски.